Дефинитивната одлука на ЕХФ за неодиграниот финален натпревар во Европскиот куп меѓу Алкалоид и грчки АЕК во Скопје, се очекува да биде донесена во вторник (27 мај) на состанокот на Натпреварувачката комисија на ЕХФ а во координација со Извршниот комитет на европската ракометна куќа.

Но, сосема е јасно дека не постои друга одлука освен службена победа за Алкалоид и дефинитивно прогласување на македонскиот тим за победник на годинашниот Европски куп на ЕХФ.

Потврда за една таква одлука е и ставот на делегатот на ЕХФ на денешното финале, кој пред мечот констатирал дека натпреварот е перфектно организиран од Алкалоид без ниту најмал проблем.

„Ние уште пред натпреварот, преку целокупната координација со ЕХФ, добивме пофалби од делегатот на дуелот дека натпреварот е перфектно организиран. Тоа доволно причината за неодигрувањето лежи единствено кај спротивната страна“ – истакна по мечот претставникот на Алкалод, Зоран Цветановски.

Цветановски потврди, во изјава за Македонската радио телевизија, дека ЕХФ одлуката најверојатно ќе ја носи преку своите тела во вторник.

„Јасно е дека сите очекуваме да биде донесена одлука за службена победа и трофеј за Алкалоид, иако навистина ми е жал што ете не ни беше дозволено на терен, онака вистински спортски, да ја покажеме својата големина. Но, не сакам да преујдицирам, и мора да бидеме подготвени за се. Во секој случај, да бидеме трпеливи до донесувањето на одлуката, па потоа ќе ги знаеме сите следни чекори“ – истакна Цветановски.