Со децении превентивно-медицинскиот сегмент на здравството е на последно место на листата на здравствени приоритети. Иако е законска обврска сите превентивно-медицински програми (на пример, како што е онаа за имунизациите), да се финансираат со средства од буџетот, редовно едвај се одвојуваат средства кои не покриваат повеќе од 7-10 отсто од вредноста на програмите. Остатокот до 100 отсто се покрива од средствата на Фондот за здравствено осигурување. Значи, од средствата на осигурениците наменети за лекување. Што е неприфатливо. Ова во статус на Фејсбук го посочи епидемиологот Драган Даниловски.
„Исто така, со децении, (дозволуваме да) се покриваме со хуманитарна помош од УНИЦЕФ, СЗО и УСАИД. И така, „ред се редат“ проекти. Да се осврнеме само на некои најсвежи примери:
1. Иницијативата „Преку стратешко управување со погрешни информации и квалитетно медиумско известување, до поголема доверба во вакцините“ (декември 2022).
Оттогаш поминаа повеќе од две години. Што е сработено во овој период? Видовме ли континуирани едукативни написи/прилози во медиумите/порталите или на социјалните мрежи, освен сувопарно пренесување (најчесто со сензационалистички наслови) на рутинските извештаи на Институтот за јавно здравје? Кои, без исклучок, се проследени со коментари од граѓаните, кои речиси без исклучок се „говор на омраза“.
2. Во април 2023 година, била претставена платформата Е-здравје, изработена од страна на „Мој термин“, повторно со поддршка од УНИЦЕФ и УСАИД. Извонредна дигитална алатка. Арно ама, таа функционира само ако некој пројави желба да ја консултира.
Колкумина граѓани ја користеле платформата Е-здравје за да се информираат за вакцините? Како постоењето на оваа платформа се реперкуирало врз општиот став на граѓаните кон вакцините?
3. Во јануари оваа година, во организација на УНИЦЕФ и УСАИД се одржал настан на кој здравствените експерти и партнерите заклучиле дека е неопходно превентивната здравствена заштита на децата да се реорганизира за да се постигне поголем опфат со вакцинација.
Според анализите на УНИЦЕФ, постои нееднаква распределба на тимовите за вакцинација според бројноста на опслуженото население, недостиг од персонал, отсуство на координација и соработка со патронажните сестри, матичните лекари и педијатрите. Згора на сѐ, нема доволно опрема.
На крајот, како што е ред, УНИЦЕФ нуди соодветни препораки за надминување на тешкотиите и препорачува тие да станат дел од Националната стратегија за имунизација (која, наводно, била во подготовка) и други релевантни стратешки документи на Владата.
4. Конечно, деновиве бевме сведоци на настан по повод успешно завршување на проектот – Посилен здравствен систем спасува повеќе животи – „Засилување на напорите за имунизација во Р. Македонија”, реализиран во соработка со СЗО, а финансиран од УСАИД“, посочува Даниловски.
Според Даниловски и за овој проект јавно не се достапни информации кога проектот почнал, кои активности се спроведени и најважно – кои се резултатите од тие активности.
„Во јануари годинава, како што спомнавме погоре, УНИЦЕФ препорачал нивните препораки да станат дел од Националната стратегија за имунизација, која е во подготовка.
Таква стратегија постои за периодот 2012-2020 година. Но, за нејзина реализација, бил изготвен Акциски план само за периодот 2012-2015. Таков план за периодот 2016-2020 не постои. Зошто?
Дали „стратегијата што се подготвува“ ќе биде сосема нова стратегија? Или само ќе се ажурира постоечката (онаа за периодот 2012-2020)? Инаку, воопшто не е спорно дека поддршката на УНИЦЕФ, СЗО и УСАИД отсекогаш била – и е – драгоцена. Меѓутоа, сите нивни проекти, колку и да се квалитетно дизајнирани и спроведени, претставуваат дисконтинуирани настани, честопати неповрзани едни со други. Најчесто се сведуваат на експертски анализи со констатации на слабостите и соодветни препораки.
Препораките, меѓутоа, некој треба да ги преточи во конкретни оперативни мерки. И потоа тие мерки некој да ги спроведе. А потоа да се евалуираат ефектите од спроведените мерки. Ги преточил ли некој препораките на УНИЦЕФ и СЗО во конкретни оперативни мерки? Ги спроведувал ли досега некој тие мерки на терен? Ако не, зошто? Ги евалуирал ли некој ефектите на спроведените мерки? Ако не, зошто? Судејќи по состојбите на „терен“, и без официјална евалуација, јасно е дека ефектите се никакви.
Превентивната здравствена заштита на децата е во хаотична состојба. Негативното расположение и недовербата кон вакцините е на многу ниско ниво и (дури) покажува тенденција на влошување, особено по пандемијата. Заради тоа, опфатот со задолжителни вакцинации постојано се намалува, што доведува до потенцијални ризици за епидемиско ширење на одделни болести. Оттаму, се поставува прашање, зошто за решавање на проблемот не му пристапиме проактивно, со сопствени сили, наместо пасивно, потпирајќи се на стручната и финансиската помош на УНИЦЕФ, СЗО и УСАИД? Зошто проактивниот пристап е поквалитетно решение? Затоа што, проектите на спомнатите меѓународни агенции никогаш нема да бидат во состојба целосно да ги идентификуваат сите релевантни фактори асоцирани со лошата состојба“, истакнува Даниловски и додава:
„А меѓу нив, најрелевантниот е „вакциналниот скептицизам“ на огромното мнозинство доктори (матичните, пред сѐ)! А кои, нели, имаат мисија здравствено да ги едуцираат граѓаните. Како еден родител да одлучи да го вакцинира своето дете, ако се соочи со совет „во четири очи“ на својот доктор, на пример, за морбилите, дека е „подобро да почека додека детето да проговори“? Нема проект на УНИЦЕФ или СЗО што тогаш би можел да го смени ставот на родителот. Значи, токму главните „играчи“ за спроведување на мерките, всушност вршат „тивка саботажа“. Лет во место! Ова не е непозната појава кај нас. Но, стручната јавност со години „ја туркаше главата в песок“ (наводно, се работело за „изолирани случаи“) и се дозволи појавата да земе замав. Особено во текот на пандемијата на ковид-19 и по неа. Што да се прави? Кој треба да ги едуцира докторите и другите здравствени работници? Во април 2021 година формирана е Национална комисија за имунизација со која раководи Национален координатор за имунизација (член 248-в од Законот за здравствена заштита). Од став 2, точка 4 од тој член видливо е дека Националната комисија за имунизација има (законска) обврска да „врши запознавање на здравствените работници и јавноста за потребата и предностите на имунизацијата“.
Докторот како што пишува, се поставуваат две прашања:
„1. Кои активности оваа комисија ги има спроведено за „запознавање на здравствените работници за потребата и предностите на имунизацијата“, откако е формирана?
2. Кои активности оваа комисија ги има спроведено за „запознавање на јавноста за потребата и предностите на имунизацијата“, откако е формирана?
Успешноста на спроведените мерки и активности се евалуира врз основа на постигнатите резултати.
Судејќи според актуелната ситуација на „терен“ (присутната нееднаква распределба на тимовите за вакцинација, недостигот на персонал, отсуството на координација и соработка меѓу патронажните сестри, матичните лекари и педијатрите, недоволната опрема, опасно нискиот опфат со вакцинации на децата, масовно распространетиот одбивен став на населението кон вакцините и – најважно – „вакциналниот скептицизам“ кај голем дел доктори), заклучокот за успешноста на работата на Националната комисија за имунизација самиот се наметнува.
П.С. Бидејќи Националната комисија за имунизација претставува државна комисија, таа не треба да заседава само врз основа на иницијатива на министерот за здравство, (како што е тоа случај со Комисијата за заразни болести, која е само стручно-советодавно тело на министерот). Националната комисија за имунизација има законска обврска континуирано автономно да функционира, да ги следи состојбите и да се состанува најмалку еднаш месечно. И за својата работа континуирано да го информира министерот, за тој да може да носи информирани одлуки.
За таа своја работа Националниот координатор и членовите на комисијата добиваат месечен паричен надоместок. Неисполнувањето на обврските претставува кршење на Законот“, завршува Даниловски.