Д-р Драган ДАНИЛОВСКИ

„ ЗА ПОТРЕБАТА ОД „ТОТАЛЕН РЕСЕТ“ НА ЗДРАВСТВЕНИОТ СИСТЕМ

(Транскрипт од разговорот за Канал 5 ТВ што го објавив во претходниот пост на 4 август 2023 г.)

Прашање:

Во здравствениот систем има доста недостатоци кои ги засегаат пациентите. Таков пример е и со операциите што не се итни за да се примат веднаш, па пациенти со месеци чекаат, а некои се снаоѓаат. Како? Бидејќи овозможено им е да платат приватно во државна болница и да направат интервенција и „да завршат работа“, како што би рекле тие. Ова е јавна тајна. Кажете ми, Вие и претходно бевте министер за здравство, па заради тоа можеме и добро да објасниме какви се регулативите, зошто се случува ова и како да се спречи.

Одговор:

Велите, јавна тајна е… Тоа е законски дозволена можност докторите во државното здравство да извршуваат и приватни интервенции вон работно време. Има за тоа во Законот за здравствена заштита, член 222, и условите за дополнителната дејност се регулирани, се дадени во член 223. Може гледачите да се консултираат директно во законот. И сега само кратко ќе кажам, дополнителна дејност може да обавува само специјалист којшто има минимум две години искуство, од една страна, потоа, има таму некои критериуми да биде успешен во работата, што се евалуира преку одредени критериуми. И од друга страна, не смее повеќе од десет интервенции да има во текот на еден месец.

Е, сега, тука постои нешто што се вика контрола, не само на оваа определба, содржина на законот, туку и на други. Да речеме, околу евиденцијата на закажани термини мора да постои контрола, да постои овластено лице, контролор, од страна на Министерството за здравство, да се прават записници за тие контроли, да се прават вонредни, редовни контроли итн. И тоа е законска обврска! Ако тоа не се спроведува, тогаш се крши законот од тие што треба да го спроведуваат, во случајов, Министерството.

Видете, ако не постои контрола, тогаш доаѓаат во прашање исполнувањата и на други содржини на законот, конкретно, еве, да речеме, и дополнителната дејност. Па, тука сега можеме да претпоставиме дека можни се и злоупотреби ако нема контрола, можни се и секакви други прекршоци на дејноста здравствена и дури на лекарската етика – ако нема контрола.

Значи, тоа што е дадена можност на определена категорија доктори да имаат дополнителна дејност, е направено за да се помогне на пациентите, но да се помогне и докторите, добар дел од нив, коишто размислуваат да заминат во приватно здравство или странство, да не го сторат тоа. Значи, да можат дополнителен приход да остварат во рамките на државното здравство кај што се вработени.

Арно ама, изгледа дека контрола нема. И јавна тајна е дека не е проблем само наведувањето на пациентите да се оперираат приватно, значи, во државната установа, официјално. Туку, јавна тајна е дека некои бараат пари од пациенти кои се закажани за интервенција во регуларни термини, она што се вика „на државно“.

И тоа не треба да нѐ изненадува, бидејќи општеството претставува затворен систем на врзани садови и промените во еден негов сегмент не може да не се одразат и во сите други сегменти, па и во здравствениот. Е сега, бидејќи се наоѓаме, би рекол, во една криза на системот на вредности во општеството, мислам дека тоа дефинитивно има одраз, рефлексија и во здравствениот систем.

Секое зло за добро, знаете. Во криза, од друга страна, знаеме, секогаш се покажуваат вистинските лица, паѓаат маските! Се соочивме во текот на ковид пандемијата, ама еве сега и во контекст на ова за што говориме, со сурова вистина дека одреден број доктори и други здравствени работници, да речам така, го валкаат белиот мантил. Покажаа дека – нека ми биде простено – дел од нив се обични предатори без трошка професионална етика и личен морал. Арно ама, пак ќе речам, секое зло за добро. Важно паднаа маските и сега знаеме точно кој е, што е, каков е итн. Тоа е добра основа, да го познаваш проблемот, добра подлога за да може понатаму да се дизајнираат, планираат мерки за подобрување.

Оваа појава дополнително е поттикнувана и од неколку други фактори:

1. Постои јавна тајна, постојат информации дека електронската евиденција на закажаните термини во електронската база „Мој термин“, во клиниките, но и на ниво на Министерство за здравство, во Управата за електронско здравство, се води нестручно. Зошто се води нестручно? Затоа што, очигледно, структурата на вработените не е избирана врз основа на соодветни, стручни критериуми, туку врз основа на некои други – погодете кои.

2. Отсутна е или е нередовна контролата (го спомнав јас веќе тоа) на електронските евиденции на термините во клиниките. Членот 39-в од Законот за здравствена заштита вели дека таква контрола мора да има.

3. Постои непочитување на условите за вршење на дополнителна дејност. Тоа е членот 223 од Законот за здравствена заштита. Тука јас веднаш ќе речам дека сам доктор не може да изврши злоупотреба. Тој мора да има „грб“, тој мора да е во „дослух“, мора да е во спрега со раководни лица од клиниката, за да може да ја злоупотреби таа можност за дополнителна дејност.

4. Понатаму, постои нешто што се вика обврска да се следи и унапредува квалитетот на здравствените услуги. И постои обврска (член 235 од Законот за здравствена заштита) да се формира Комисија за следење и унапредување на квалитетот на здравствената заштита. И сега, ако тие комисии или воопшто ги нема или не функционираат како што треба, ете ви уште еден фактор којшто поттикнува неквалитет, поттикнува злоупотреба.

5. Конечно, за граѓаните – тие се корисниците на услугите, здравствениот систем за нив постои. Постои една катастрофална неинформираност на граѓаните, односно пациентите за нивните права, секако, и обврски. Тоа е член 39-б од Законот за здравствена заштита. Значи, тие имаат право да се побунат, да поднесат жалба, известување, за непочитување на термин или за некакви злоупотреби. Арно ама, тие – молчат! Молчат при евидентни кршења на тие права.

6. И конечно, евидентно е дека имаме и незадоволително познавање на принципите на медицинската етика од страна на здравствените работници.

Како да се поправи состојбата?

1. Прво, веднаш, „под итно“, треба да се интегрира приватниот сектор, приватното здравство во системот. Не може да постои систем во систем. Не може тој систем да постои вон интегралниот здравствен систем во државата. Тоа значи услугите за граѓаните да бидат и таму, во приватното здравство, на товар на Фондот за здравствено осигурување.

2. Во електронскиот систем „Мој термин“ и приватното здравство да биде вклучено со термини што ќе бидат на располагање на граѓаните.

3. Понатаму, сите што се огрешиле од законот, од една страна, или од принципите еснафски, да си сносат санкции.

4. Евентуално, да се донесат нови луѓе, професионалци, а не партиски војници и да се почне од почеток.

5. Знаете, порано имам речено и пак ќе го спомнам тој израз – потребен е „тотален ресет“ на системот. Но, треба да се почне од коренот. Коренот е во медицинското образование. Потребен ни е комплетен „ресет“ на медицинското образование. А во медицинското образование акцент да се стави на медицинската етика.

6. Понатаму, здравствениот систем да се исчисти конечно од партиски влијанија при вработување и при избор на раководни лица. Мора да се воспостави конечно нов систем на вредности. За почеток, да почнеме да го почитуваме законот. Сѐ си е убаво напишано во законот. И Хипократовата заклетва. Инаку, во спротивно, ќе продолжиме да тонеме во „жив песок“.“