Храната богата со маснотии и шеќери го намалува имунитетот на човекот, луѓето тоа треба да го знаат, посебно оние кои се грижат за своето здравје. Многу е важна исхраната, посебно квалитетот и количината. Ние сме нација која јаде многу, но неквалитетно, посебно помладата генерација, вели д-р Лорета Георгиевска која повеќе од четири децении работи како матичен лекар.

Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО) предупреди дека прекумерната тежина кај деца под пет години, е во пораст во голем број земји. Западен Балкан со 10,3 отсто и Кавказскиот регион со 9,1 отсто имаат највисока стапка на прекумерна тежина кај децата до пет години, додека стапката на дебелина кај возрасните исто така се зголемува.

Д-р Георгиевска има долгогодишно искуство од работа во Брза помош, Домашна посета, школски диспензери за деца, а со години работи како матичен лекар. За „Република“ сподели свои размислувања околу животните навики на граѓаните на Македонија.

За жал, во исхраната на граѓаните на Македонија многу се застапени кондиторските производи, шеќерот. Имам направено листи со препораки за исхрана и калориска вредност и им ја давам на пациентите. Луѓето не се свесни дека една банана има калории колку еден појадок, а луѓето знаат да појадуваат и плус една банана да изедат по појадокот. Многу е битно да не ги прескокнуваат оброците во денот. Да не се јаде многу доцна навечер, да не се јаде брза храна, сувомеснати производи, да се намалат грицки, вели д-р Георгиевска.

Според неа, должност на секој матичен лекар е да му објасни на пациентот што е здраво за него, а што треба да избегнува. Многу е важно да има однос на доверба меѓу лекарот и пациентот.

На прашањето какви совети таа им дава на пациентите за одржување на здрав живот таа вели:

Одржување на нормална телесна тежина. Да вежбаат, но не интензивно, како да се спортисти, туку лесни, умерени вежби, прошетки. Редовна исхрана, не прејадување, сите проблеми што ги имаат, психички или какви било други, да дојдат во ординација, да поразговараме. Умереноста е најважна. Да не се прејадуваат, да имаат помали оброци и редовно да се хранат. На сите им велам, стани, појадувај, после пиј кафе, чај. Пола Македонија пие лекови за стомак. Можеби некој период од животот си пиел кафе на гладно, но подоцна си дошол во години кога не можеш. Немој со лек, стани, намачкај парче леб со путер, па потоа пиј кафе.

Д-р Георгиевска вели сега рекламите со кои сме опкружени на секој чекор само лошо им прават на пациентите.

Ги разболеа. Од храна што рекламираат, суплементи. Препорачувам да не земаат суплементи, се има природно, подобро е да се исцеди еден лимон или портокал, или да се изеде. Тоа се дневни потреби. Тие се многу мали дози, но сосема се доволни за организамот на човекот, нема потреба да се пие витамин Ц од 1000 грама, ќе го измокриш. Важно е правилно да се зборува за начинот и видот на исхрана. Добро е што има една млада генерација која многу се грижи за децата, внимава што јадат. Од моето претходно искуство, кога работев во школска амбуланта, деца од 14 години се виткаат, умираат од болки во стомак, од прекумерно, неконтролирано пиење кока-кола. Газираните сокови се исклучително штетни, во нив има кофеин, шеќер, делуваат надразително на стомакот, лачат инсулин без потреба, организмот многу се оштетува. Здравјето влегува преку устата. Ако не јадеш здраво, или ако цело време го измачуваш организмот со секакви храни, како можеш да си здрав? Од начинот на исхрана доаѓа здравјето. Правилна исхрана е правилно здравје. Јадењето е основно и затоа мора да се бориме против рекламите кои не бомбардираат од секаде, вели д-р Георгиевска.

За пациентите кои се соочуваат со хронични состојби, д-р Георгиевска вели дека е многу важно редовно и правилно да се користи терапијата од специјалист која е препишана. Да се оди на контрола кај матичен лекар, да не се земаат многу антибиотици, туку да се зголемува имунитетот, и тоа на природен начин. Ние сме земјоделска земја, вели д-р Георгиевска, па кога сте болни подобро е да сварите пола пиле, ставите компир, морков, ете ви здрава супа, а не таа од кесичка.

Ако има лоши навики, пушење, пиење, да ги коригира, тоа е основно правило. Обично на почетокот, пациентот одбива да соработува, сака веднаш да му биде подобро. Му велам, мора да си упорен, да намалиш со цигарите. Матичниот лекар не е само доктор, тој ти е како другар. Кога е некој болен, мора да биде дома, да одлежи една недела, не може болен да оди на работа. Така ја пролонгираш болеста, со лежење дома, обична настинка ќе помине за седум дена. Кај нас луѓето уште не сфаќаат дека здравјето е многу битно, се додека не го изгубат, вели д-р Георгиевска.

Оние што пушат, д-р Георгиевска им препорачува да ги остават цигарите. Секогаш кога се во можност, за викенд да излезат од градот, посебно во овој период, кога е многу високо аерозагадувањето.

Ние сме нација која многу пуши цигари. Јас како лекар може да препорачам, меѓутоа мора и пациентот да слуша. Што им кажувам во тие услови? Кога се враќаат од работа, да измијат раце, лице, да плакнат уста, да пијат многу течности, чај од босилек, чај од липа, кој е посебно добар за белите дробови. Секоја инфекција која ќе се појави веднаш да дојдат на лекар, да ја санираме. Најбитно е навиките да се контролираат. Не излегувајте, седете дома, мирувајте, пијте течности, храната да биде домашна. Помалку движење, да се сменат навиките, ако може да се пушат цигари помалку. За жал, ова со цигарите е пандемија, не е епидемија.

Какви редовни прегледи им препорачувате на пациентите?

Ако пациентот е здрав, доволно е двапати годишно да се направат лабораториски испитувања, мерење крвен притисок, ехо, екг. Се случува и на редовен преглед да се открие нешто, иако пациентот не се жали на болки. Застрашувачки е колку е болна младата генерација, посебно во делот на ‘рбетот. Сликај ‘рбет на 30-годишник, личи како да е на 50 годишен. Исто така и болестите на тироидната жлезда, тие се во голема експанзија, вели д-р Георгиевска.

Д-р Георгиевска апелира во Скопје да се изгради нова психијатриска болница, бидејќи во единствената која што работи сега, условите се многу лоши. Клиниката за психијатрија се реновира, па сите случаи се испраќаат во Психијатриска болница „Скопје“.

Во Македонија има многу психијатриски случаи. На два милиони луѓе, за една година се препишани два милиони рецепти дијазепам. Апелирам, мора да се исчисти или да се направи нова психијатриска болница во Скопје. Секој ден има нови психијатриски случаи. Секој што отишол да се лечи таму, се враќа уште поболен. Условите се многу лоши, вели д-р Георгиевска.

Разговараше: Александра М. Бундалевска, Република.мк