Д-р Марјан Шокаровски е назначен за нов директор на Универзитетската клиника за државна кардиохирургија, сооопшти денеска Министерството за здравство.
Д-р Шокаровски доаѓа на местото на проф. д-р Сашко Јовев, кој беше разрешен од страна на министерот за здравство Фатмир Меџити. Проф. д-р Јовев е кардихирург од светски глас, познат по тоа што го предводеше тимот што ги изврши првите трансплантации на срце во Македонија. Маџити кажа дека д-р Јовев е разрешен бидејќи дежурал без согалсност од тогашниот министер за здравство Беким Сали, а потоа му понуди да му биде советник за кардиохирургија.
Според д-р Јовев, неговото разрешување не е политички реваншизам, туку станува збор за суета, бидејќи министерот не присуствувал на свечено отворање на хибридна сала на Клиниката.
Во соопштението од МЗ се вели дека д-р Шокаровски е дел од тимот на Клиниката уште од нејзиното основање.
Д-р Шокаровски е супспецијалист по кардиохирургија, завршена во Универзитетски клинички болнички центар- Загреб, Хрватска со повеќегодишно хируршко и академско искуство во оваа област, раководител е на оперативниот блок, ангажиран е и како асистент на Медицински факултет-Скопје. Тој е дел од тимот на досега извршените трансплантации на срце во нашата држава, вклучен и во иновативните хируршки интервенции на срце со минимален инвазивен пристап. Исто така се едуцирал во повеќе земји, како Германија, Австрија, Англија, Франција, Бугарија, Србија и присустувал на голем број меѓународни конгреси, соопштува МЗ.
За нов организациски директор на Клиниката за државна кардиохирургија е назначен Исак Јакупи.