Еден многу важен сегмент од проучувањето на македонската историја претставуваат и политичките убиства во Македонија, во периодот пред и за време на Втората светска војна, вели проф. д-р Мимоза Рајл во обраќањето на научниот собир „80 години од победата над нацифашизмот – Македонија во Антифашистичката народно ослободителна војна 1941 – 1945“ организиран од СПМ што МИА го објавува интегрално.

Бугарските фашисти како што е познато во историската хронолошка фактографија направија големи и за еден човек – рационално несфатливи и непоимливи злосторства врз македонскиот народ и врз македонските најпрогресивни патриоти и борци за слобода. Ако одиме понапред во историјата, ќе видиме дека најистакнатите наши револуционери и војводи без исклучок биле ликвидирани со наредба на бугарските врховисти. Преку брутален терор, културна асимилација и политичка репресија, окупаторите се обидувале да ја ликвидираат отпорничката свест, како и националната, културната и социјалната определба на Македонците да бидат свои на своето, да бидат слободни и достоинствени во гордоста и значањето што е тоа да се биде Македонец! НОБ во Македонија е дел од широкиот антифашистички отпор, но таа донесе и големи жртви — вклучувајќи масовни и сегментирани политички убиства, исчезнувања, киднапирања, ликвидации и други форми на политичка репресија на нашите најистакнати револуционери. Во текот на борбата македонскиот народ активно се вклучува во движењето, борејќи се не само за ослободување од странската окупација, туку и за социјална и национална слобода, под знамето на една прогресивна социјалистичка идеја и ставање на длабока црта на страдањата во сферите токму на националото и социјалното. Како одговор на растечкиот отпор, фашистите применија брутални методи на терор, меѓу кои најтрагични и најзачестени беа политичките убиства – целни ликвидации на активисти, интелектуалци и обични граѓани кои беа осомничени за поврзаност со НОБ во Македонија. Политичките убиства беа дел од поширока стратегија на репресија и заплашување. Тие настојуваа да го задушат отпорот преку систематско уништување на неговото раководство и инфраструктура. Овие убиства не беа обични воени акции, туку претходно добро испланирани ликвидации на истакнати, македонски поединци со јасен политички став, организациска улога или дури само симпатии кон идеите на НОБ.

Ја користам оваа прилика, во ова обраќање, да ја искоментирам книгата “Политичките убиства во Македонија” на мојот дедо Коста Циривири очевидец, сведок и жртва на фашистичките малтретирања, кој во текот на НОБ даде три жртви – три ќерки за слободна Македонија, а синот му беше тешко ранет од страна на фашистичкиот врховизам. Книгата тој ја напиша како траен запис и сведоштва за големите злосторства кои се случија во периодот на НОБ во прилепско-битолскиот крај и сето тоа е поткрепено со фотографии, документи и трајни записи. Отаде гледаме како бугарскиот фашизам немилосордно се спротивставувал на своите неистомисленици и најпрогресивни револуционери. Познати се имињата на Ристо Ристовски Ричко, работник и повереник на Месниот комитет кој бил закован со четири клинци, постојано задушуван за дa ги предаде тајните на Партијата, но тој херојски сето тоа го издржал. Херојството кај Македонците – револуционери во овој период го бараме и во не предавството. Предавникот уште во најраната литература е негација на херојското во човекот. Уште по трагична е судбината на Киро Фетак кој бил ранет во борбата кај Прилепец, кога бугарските фашисти носејќи го по пат му сечеле дел по дел од неговото тело иживувајќи му се на неговите маки. Во денешен Македонски Брод (јужен Брод) била фатена револуционерката и партизанка Милка Црногорката, која им била фрлена на разјарените гладни кучиња да ја изедат жива,умирајќи во несогледливи ужаси и страдања. Истото ќе им сторат и на Нада Циривири и Цена Михајлова кои ќе бидат заробени во борбите кај Кичево. Измачувани и со искорнати коси биле фрлени живи како храна на дивите кучиња да ги распарчат, а потоа така искасапени ги стрелале. Во книгата детално се опишува и настанот како под команда на бугарскиот фашист, т.н. крволокот Куцаров, партизаните од Плетвар ги врзувале и сечеле дел по дел од нивните истоштени тела и тие се распаѓале пред очите на фашистите кои сето тоа пободоносно го гледале. Во книгата гледаме како детално се следело и проучувало убиството на еден од најистакнатите македонски борци Кузман Јосифовски – Питу, кој е нарекуван и Гоце Делчев во поновата историја, во февруари 1944 година во Скопје. Потоа политичката ликвидацијата на Методија Црвеновски во јули 1943 година на Кожув Планина. Да не ги заборавиме оние брутални измачувањата, на корнење на ноктите и сечење на делови на телото на Мирче Ацев и Страшо Пинџур кои до скоро се споменуваа во историските учебници. Грозоморната, иживувачка и предавничка смрт на Вера Циривири Трена во Штип. Смртта и ширум затворите не настапувала бргу, туку таа била бавна, крвава и темна како непробојно тесто, чија зорина нема да се дочека. Но, љубовта кон сопствената татковина и копнежот по слободата е посилна од сите тешки маки, крвави и лути рани заковани во една надеж – дека силно ќе светне денот на победата. Тоа било непоштедна борба за СМРТ или СЛОБОДА, таа најмакедонска од сите аксиоми, кога трето не постоело.

Дел од стратегијата за политичките убиства врз најистакнатите херои биле и задничките прослави на македонските национални празници како 2 август Илинден. На нив, се вршеле апсења и ликвидација на македонските борци за слобода, а посебна мета биле оние кои се истакнувале со својот став и говор за независна и слободна Македонија. Имено, заедничките празници тие ги користеле како детектор за да видат кој посебно се таму се декларира како Македонец, херој и интелектуалец и веднаш да го ликвидираат со планско – политичко убиство. Но ваквите дејствувања од страна на бугарскиот врховизам не само што не ја згаснале моќта на идеологијата и партијата, туку тие ќе се засилуваат во сенароден отпор против можеби најголемите мачители на македонскиот народ во текот на својата тешка историја, која со векови ќе го пее трагичниот рефрен на црвеното и црното на темница што штреке среде вкрварена зора.

Македонците како што е запишано во личните мемоари на Коста Циривири, со масовни демонстрации излегле да протестираат против изречената смртна пресуда од страната на бугарските фашисти за Лазар Колишевски. Иживувањата врз Лазо Колишевски од страна на бугарскиот окупатор нема да запрат се до последниот ден на ослободувањето.

Бугарската влада настојувала окупацијата на Македонија да ја претстави како природно проширување на бугарската територија, како преземање на свои национални територии. Културните институции во Македонија имале една цел – македонскиот народ да биде прикажан како бугарски. Образовниот систем во овој период во Македонија бил најорганизираниот дел од бугарската денационализаторска политика, а бил создаден и широк систем на училишни институции кои вршеле силна бугарска пропаганда. Се изучувал само бугарскиот јазик и бугарската национална историја, која се темелела на големите невистини за Македонија. Сите научни институции биле под контрола на Дирекцијата за национална пропаганда на чело со Никола Коларов, кои имале една цел да докажат дека Македонија е бугарска земја, а Македонците Бугари. Бугаризацијата во Македонија не била ограничена единствено на секуларните институции, тие ја употребиле и Црквата со цел да го преобразат и последниот Македонец. На 3 мај 1941 година, бугарскиот свет синод ја презел контролата над православните цркви основајќи четири епархии со назначени нови епископи и митрополити кои имале за цел литургиите да ги водат на бугарски јазик и да ја искоренат македонската култура, обичаии и традиција до темел. Секој кој на ова ќе се спротиставел веднаш му била планирана политичка ликвидација.

Светот во кој денес живееме е една нова историска и политичка ситуација. До вчера зацементираниот неолиберализам (кај нас “социал-демократизам”), полека но сигурно ја губи својата моќ и тоне под својата нехуманост и неправедност.

Во овој миг, како всушност и во клучните историски премрежја и премини, треба на општествата да им се понуди една нова идеолошка опција и оријентација, опција за еден похуман и почовечен свет, свет за национална и социјална правда.

Ова е времето на една нова македонска Преродба, идеја која што со голем бран ја зафаќа и сферата на културата. Уметноста не ја сака нехуманоста, не еднаквоста, не ја трпи грубата империјалистичка чизма врз човековата креативност, автентичност и слобода. Социјалистичката идеја денес од нас бара да бидеме слободни на сопственото тло, свои на своето, а не туѓи модерни робови на глобалниот, застарен конзумеризам.

Ние новите генерации на социјалисти , продолжуваме да ги афирмираме и да ги применуваме во реалниот живот социјалистичките вредности, продолжуваме посветено да работиме за еден похуман и почовечен свет, затоа што утре можеби ќе биде доцна.

Неолиберализмот како антипод на социјализмот, го влече она нај анималното и најниското во човекот а тоа се: алчноста, не солидарноста, грамзливоста, нечовечноста и корумпираноста. Тој систем е ропството од кое мораме да излеземе и да се вратиме на вистинските вредности и еднаш за секогаш да му свртиме грб на антихуманизмот, на пеколот создаден од криминалот, корупцијата и неморалот. Затоа социјализмот можеби како никогаш порано, потребен ни е токму денес. Тој е спас за човештвото и светот, а отаде и за поединецот. Социјалистичката партија на Македонија е единствениот продолжувач на најуманите и најпрогресивните социјалистички идеи кои одат во одбрана на човекот и општеството, на оние најпрогресивните наши херои кои се бореа, гинеа, ја создадоа и градеа денешната современа, самостојна и независна Република Македонија.

Политичките убиства во Македонија во таа смисла треба систематски да се изучуваат, подлабоко истражуваат и елаборираат се страно – како посебен дел на нашата трагична историја, а ние на нив, еве како што е оваа научна трибина денес, постојано да се навраќаме.