Истражувачите од американската Massachusetts General Hospital (MGH), во својата нова студија идентификуваат и издвојуваат сет на варијабилни ризик-фактори за развој на депресија (од стотици утврдени постоечки), односно фактори кои придонесуваат за развој на депресија, а на кои можеме некако да влијаеме. Ова е многу важно во однос на превенцијата од депресијата и сличните психолошки нарушувања.
Студијата е објавена во познатото научно списание The American Journal of Psychiatry, а тимот истражувачи во неа ја утврдува социјалната поврзаност како најсилен заштитен фактор од депресијата. Дополнително, утврдено било и дека со избегнувањето на седечкиот начин на живот, на дневните дремки и редовното мултивитаминско суплементирање, може исто така да се намали ризикот од депресијата.
Нешто повеќе околу студијата
Истражувањето било спроведено во две фази.
Во првата фаза анализирани биле податоците (претходно превземени од соодветни институции и истражувања) од над 100 илјади индивидуи. Податоците биле искористени за систематско утврдување на низата променливи фактори кои се поврзани со ризикот од развој на депресија, вклучително социјална интеракција (контакти со блиските луѓе, социјализирање со луѓето и формирање на нови познанства), ,,хигиената” на сон, физичката активност, исхраната, медиумите, еколошката средина итн.
Во следната фаза, од утврдени ризик-факторите за депресија, издвоени биле оние кои можат најмногу да се изменат, односно оние фактори на кои најмногу можеме самите да влијаеме. По издвоувањето, на овие фактори била аплицирана специјализирана техника т.н. Менделианска рандомизација (МR), со цел да се испита кој фактор може да има каузална (причинско-последична) врска со ризикот од депресија. MR е статистички модел или метод со кој може да се утврди дали одредена поврзаност е каузална или корелациска.
Ваквиот пристап им овозможил на американските истражувачи на полесен и посигурен начин да дојдат до факторите за депресија кои можат да бидат менаџирани или контролирани, што е клучно за превенцијата.
Социјалната поврзаност се покажала како најсилен и највлијателен фактор
Од сите каузални фактори кои биле утврдиле, лошата социјалната поврзаност (и кохезија) покажала најсилно влијание, како ризик-фактор за развој на депресивни нарушувања.
Под социјална поврзаност се подразбираат емотивните врски со семејството и пријателите, но и општата поврзаност и ,,поставеност” на индивидуата во социјалната средина (заедницата).
Добрата социјалната поврзаност покажала искчучителни заштитни ефекти дури и кај индивидуите кои се доста подложни на депресивни состојби поради други силни каузални ризик-фактори за депресија, како некоја доживеана траума во раниот период од животот или генетска предиспозиција.
Други утврдени каузални фактори за депресија кои можеме да ги контролираме
Можеби за некого ќе делува невообичаено, но за многу силен каузален фактор за депресивните состојби, споменатото истражување го утврдува и дологото време поминато пред телевизорот, односно т.н. седечки или неактивен начин на живот.
Дополнително, слично е утврдено и за честите дневни дремки, но можеби најизненадувачки – за редовната употреба на мултивитаминските таблети. На оваа тема се потребни повеќе истражувања, иако оваа студија дава солидни резултати.
Краток заклучок
Депресијата константно е со пандемиски размери, но токму овој период на пандемија со коронавирусот ги прави резултатите од споменатата студија порелевантни, односно позначајни од било кога, имајќи предвид дека некои луѓе со месеци не можат да си ги видат најблиските, новите познанства се ограничени, некои луѓе се заглавени надвор од својата татковина итн.
За среќа, новото време ќе нѝ понуди сè подобри технологии, техники и методи базирани на анализирање податоци, како онаа користена во оваа студија. Ваквиот пристап ќе овозможи подобро користење на веќе собраните податоци за повеќе заболувања, па сè повеќе ќе знаеме што треба да превземаме за да превенираме и третираме заболувања од секаков вид.
Она што можеме директно да го заклучиме од оваа студија е дека треба да држиме физичка дистанца, а социјално секогаш да останеме поврзани, па макар тоа било со помош на технологијата. Дополнително, треба да имаме квалитетен сон и да ги внесуваме микронутриентите (минералите и витамините) преку нашата исхрана, а не преку суплементите (секако, и тие се особено корисни и важни, но во специфични ситуации, по консултации со лекарот кој ве следи).
Извор: Д-р Митов