Ако дијабетесот беше заразно заболување кое се пренесува од човек на човек, СЗО одамна ќе имаше прогласено епидемија! Загрижувачка е тенденцијата според која младото население, општо во светот, во просек ја зголемува својата телесна тежина, па со тоа станува се поподложно на оваа болест.
Бројот на лица со дијабетес во светот расте од година во година. Од 425 милиони во 2017 година, во 2018та бројот е пораснат на 463 милиони, односно, зголемен е за 38 милиони лица. Ова зголемување на бројот на лица со дијабетес е еднакво на бројот на жители во една голема европска држава како Полска, или повеќе од двојно повеќе од бројот на жители во земјите од Западен Балкан заедно. Во нашата земја ситуацијата е слична, па секој девети човек во Македонија има некаков тип на дијабет, а најчест тип е токму дијабетесот тип 2.
Дијабетесот тип 2 е најчестиот облик на дијабет кој се утврдува откако клетките ќе престанат да реагираат на инсулинот, односно инсулинот веќе не претставува сигнал за клетките да примаат глукоза. Всушност, имаме т.н. инсулинска резистентност која е резултат на насобраното количество на маснотии во клетките што е причина за попречување на функционирањето на механизмот за внес на глукозата во самата клетка.
Одговорот на организмот е производство на сè повеќе инсулин, сè додека панкреасните клетки кои создаваат инсулин не се ,,заморат”. Иако генетските мутации можат да ја предизвикаат оваа состојба, сепак главниот ризик фактор за неа е несоодвениот, односно нездравиот начин на живот: прекумерната телесна тежина, исхрана со висок процент на рафинирани шеќери и заситени масти, како и намалената физичка активност.
Многу важно да се напомене е дека овој тип на дијабетес може да се третира, а огромен број на научни студии укажуваат на тоа дека тој може и целосно да се стави во ремисија (излекува), со соодветни промените во животниот стил, кај значителен број од пациентите!
Во продолжение ќе видиме кои се тие потребни промени што можат да водат и до целосно излекување на болеста, но во најмала рака со иста значајност – да бидат превентивна мерка. Превентивните мерки можат да спречат 9 од 10 случаи на дијабет!
Едноставни чекори за намалување на ризикот од добивање на ова заболување:
Променете ја вашата исхрана!
– зголемете го внесот на храна богата со растителни влакна
Храната богата со растителни влакна не содржи магична компонента која може да го превенира или да го излечи дијабетот. Клучна улога тука игра еден поим, а тоа е гликемискиот индекс. Овој поим ја означува брзината со која расте нивото на шеќер во крвта, по консумирањето на одредена храна.
Храната која има висок гликемиски индекс, многу побрзо го зголемува нивото на шеќер во крвта, односно апсорпцијата од тенкото црево во крвотокот е доста брзо. При внесување на храна со повисоки вредности за гликемиски индекс (процесирана храна богата со јаглехидрати: бел леб, разни благи колачи, бел ориз, бели пецива и многу типови на засладени мусли кои се користат за доручек) може да дојде до еден вид на шок за организмот, поради брзото ослободување на шеќер во крвта.
Јаглехидратната храна пак, која има низок гликемиски индекс, најчесто е ,,пакувана” со повеќе пропратни елементи, меѓу кои како најзначајни за поспората апсорпција на глукозата во тенкото црево се растителните влакна. Растителните влакна ја отежнуваат работата на ензимите кои ги разградуваат јаглехидратите, па поспоро се создава глукозата. Примери за ваква храна се: храна добиена од ,,полнозрнести брашна” или попозната како интегрална храна (интегрален ориз, леб, пецива итн.)
Покрај растителните влакна, полнозрнестата храна содржи други есенцијални микронутриенти како витамини, минерали и фитохемикалии, кои исто така можат да го намалат ризикот од дијабет, меѓу другото.
Студија го следела здравјето и животните навики на 160 илјади испитанички, во период од 18 години . Жените кои дневно употребувале 2-3 пати храна од полнозрнасто потекло имале за 30% намален ризик од развивање на дијабет тип 2 за разлика од оние кои немале таква навика, односно консумирале храна добиена од бели брашна.
– избегнувајте ги засладените пијалаци, наместо тоа консумирајте повеќе вода, кафе или чај
Исто како рафинираната зрнаста храна, односно храната добиена од белите брашна, така и најразличните пијалаци кои се засладени имаат висока вредност на гликемиски индекс. Една студија покажала дека жените кои пиеле во просек повеќе од еден засладен пијалак дневно, имале дури за 83% поголем ризик за развивање на дијабет тип 2 од оние кои пиеле засладени пијалаци само неколку пати во месецот. Огромниот ризик за добивање на дијабет тип два со редовно консумирање на вакви пијалаци го потврдуваат и низа на други студии кои меѓу другото утврдиле дека за секои дополнителени 300g од засладените пијалаци на дневна база, го зголемуваат ризикот од дијабетес тип 2 за дури 25%. Често, маркетингот на компаниите ги промовира т.н. ,,природни” овошните сокови како одлични за нашето здравје, заради присуството на некои витамини во нив, но сепак тие спаѓаат во групата на пијалаци со висока вредност на гликемиски индекс. Особено се штетни доколку дополнително им се додадени рафинирани шеќери, што неретко е случај.
Поврзаноста помеѓу засладените пијалаци и ризикот од дијабет тип 2, главно се должи на зголемената телесна тежина која ја предизвикува редовното консумирање на овие производи, како и константните ,,шокови” кои ги доживува организмот при наглото ослободување на глукозата во крвотокот.
Наместо консумирањето на овие штетни пијалаци, можеме да консумираме повеќе вода, слабо засладени чаеви и кафе. За кафето постојат студии кои укажуваат на негови позитивни ефекти во превенцијата од дијабет. Консумирањето на пијалаци засладени со ,,вештачки засладувачи” може да биде од помош, но тоа пак носи други свои ризици.
– изберете здрави масти!
Видот на масти кои се застапени во нашата исхрана значително влијаат на ризикот од развивање на дијабет. Исхраната со ,,здравите” масти, како полинезаситените масти застапени во течните растителни масла, јаткастите плодови и семињата можат да помогнат во превенцијата од дијабет. Додека храната богата со повеќе заситени масти, како животинската храна, треба да ја сведеме на минимум. Доколку се работи за веќе дијагностициран дијабет тип 2, тогаш треба целосно да се отфрлат маснотиите од животинско потекло.
Според истражувањата, луѓето што се хранеле на ваков начин, имале за 30% помалку маснотии во клетките, отколку оние кој се хранеле спротивно. За потсетување, главната причина за отпорноста на клетките спрема инсулинот е всушност зголемената концентрација на мастите во клетките. Покрај брзото намалување на отпорноста на инсулинот, има и други придобивки од отстранувањето на животинската исхрана, како што се намалувањето на нивото холестеролот и приближувањето до оптималната телесна тежина.
Некои истражувања покажуваат дека јадењето на 100g црвено месо на дневна основа, ја зголемува опасноста од развивање на дијабет тип 2 за 20%. Исто така јадењето на помали количества месни продукти, но секојдневно, го зголемува ризикот за развивање на дијабет за дури 51%!
Заборавете на пушењето!
Пушењето најчесто се споменува како фактор на ризик за развивање на кардиоваскуларни заболувања, но оваа констатација кај дијабетот важи уште повеќе! Пушачите имаа за 50% поголем ризик за развивање на дијабет од непушачите. Што повеќе испушени цигари, тоа поголем ризик.
Бидете физички активни!
Помеѓу многуте корисни ефекти од физичката активност е и превенцијата од дијабет. Зачестената работа на мускулите и правењето на поцврсти мускули, ја зголемува нивната способност да го употребуаат инсулинот и да апсорбираат глукоза.
За да постигнете ефект, не треба премногу да се ,,испотите”. Доволни се подолги прошетки во текот на денот, но најважна е конзистентноста. Важно е активноста да биде постојана, барем неколку пати во неделата. Едно истражување утврдило дека брзото одење во времетраење од само 30 минути, го намалува ризикот од дијабет тип 2 за дури 30%! Како што веќе напоменавме, ова е само еден од позитивните ефекти, постојат и други, како на пример намалување на ризикот од срцеви заболувања, намалената телесна тежина и многу други бенефити. Колку повеќе сме во седечка позиција, толку поголем е ризикот за гојазност, а со тоа и на ризикот за срцеви заболувања и дијабет.
Секако, пред да започнете со некоја позначителна активност, најдобро е прво да се советувате со вашиот лекар, доколку веќе имате дијабет.
Умерено консумирање на алкохол
Постојат докази дека честото консумирање на умерени количини алкохол помага за намалување на ризикот од срцеви заболувања. Истото може да важи и за дијабетот тип 2. Умереното консумирање алкохол – една чаша вино кај жените или чаша до две, кај мажите- ја зголемува ефикасноста на инсулинот, односно неговата способност за пренесување на глукозата во клетките. Битно е да се напомене дека поголемите количества на алкохол од ова, при константно консумирање, напротив, го зголемуваат ризикот за развивање на дијабет тип 2. Исто така, битно да се напомене е и дека, ако не консумирате алкохол, не треба да почнувате со тоа заради овие причини, бидејќи постојат и други ефекти на алкохолот кои пак се негативни. Позитивниот ефект на превенирање на ризикот од развој на дијабет тип 2 може многу успешно да се постигне и со другите превентивни мерки, без оваа.
Што ако веќе имате дијабет?
Сите претходно наведени мерки, како мерки за превенција од развивање на дијабетот тип 2, важат и за подобрување на состојбата на пациентите кај кои веќе е утврден овој тип на дијабет. Дијабетот тип 2 може дури и целосно да се излечи со превземање на следните (веќе објаснети) чекори: oдржување на оптимална телесна тежина, зголемена физичка активност, здрава исхрана и непушење.
Јасно е дека промените се тешки и товарот не треба да паѓа само на индивидуата, туку и општо на заедницата, преку зголемување на свесноста за овие заболувања и понудата на пазарот на соодветни здрави производи или ,,здрави опции”. Како клучни фактори во остварување на овие цели, се појавуваат владата (преку креирање на соодветни здравствени политики, ширење на свесноста и потребата од превенција и построги регулативи и даноци за ,,нездравата храна”), прехранбената индустрија (преку етичко однесување, не промоција на штетната храна како корисна и нудење на поздрава храна), медиумите (со ширење на соодветни информации), но и самото семејство и пријателите на заболените, кои треба да бидат морална поддршка на заболените.