Засега стабилна е состојбата на болничарката од Инфективната клиника која заболе од конго-кримска хеморагична треска, истакна денеска докторт Добринка Наунова Јовановска.

Параметрите континуирано се следат за да не дојде до влошување на состојбата. Докторката истакна дека кај оваа болест многу е важна супортивната терапија со која се надогнадува се што организмот губи.

-Таа е петти ден болна. Самата болест има своја еволуција, првите денови не се лоши, но подоцна може да се влоши состојбата. Затоа добро се следат сите параметри кај пациентката за да може да се интервенира. Сега нема крварења, појасни Наунова Јовановска.

Таа посочи и како можеби болничарката дошла во контакт со заразениот материјал од пациентката која со оваа болест претходно беше хоспитализарана, и која за жал почина.

-Шансите за зараза се многу мали, но пациентката имаше ненормално големи количини на секрет, крварења итн, тие се заразните содржините кои можеле да бидат пренесени. Болничарката била заштитена додека работела со пациентката, но потоа кога ги симнала ракавиците, маската можно е да прсне нешто во слузницата или очите. Се е можно кога постои толку голема количина на заразен материјал и затоа треба многу да се внимава, појасни Наунова Јовановска.

Таа нагласи дека пациентката сега засега е во стабилна состојба, параметрите се следат континуирано да не дојде до некое влошување.

– Се следи постојано за да не дојде до некои влошувања. Затоа што, кај оваа конкретно болест е многу важна таа супортивна терапија, заменска терапија да се надокнадува сѐ што се губи итн. Така што, пациентката сега засега се надеваме дека ќе остане во стабилна состојба, но, тоа ќе видиме деновиве, појасни Наунова Јовановска.

– Сега засега нема крварења, но, се следи, подвлече Наунова Јовановска.

Таа беше прашана и дали болничарката доаѓала на работа и дали останатите, кои се под здравствен надзор треба да доаѓаат на работни места.

– Сите што биле во контакт со претходната пациентка се под надзор. Значи, се следат сите параметри и досега треба да се под надозор 29 лица од првиот контакт од првата пациентка, меѓутоа за ден – два веќе им истекува надзорот на тие лица. Од новиот контакт со новата пациентка, 11 се под надзор и тие се следат. Да се разбереме, значи пренесувањето на инфекцијата не настанува од обичен ваков разговор, туку треба секрети, крв и така натаму, за да се пренесе. Тоа не е битно дали ќе дојде на работа, дали ние ќе разговараме или не, туку дали ќе се развие болеста и ќе имаме извор на зараза за да се пренесе на некого. Болничарката, мислам, била трета смена ноќта кога ја негувала пациентката, додаде Наунова Јовановска.

Таа појасни дека надзорот подразбира да се следи температура, каков било симптом доколку се јави и веднаш да се направат испитувања.

– За да се пренесе инфекцијата не е потребно еден разговор како што беше со ковидот, туку треба материјал за да се пренесе на одредено лице, истакна Наунова Јовановска.

Од Министерството за здравство вчера информираа дека по потврдување на случај на конго-кримска хеморагична треска кај жена на 27-годишна возраст, вработено лице на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, идентификувано како контакт со среден ризик, на деветтиот ден од надзорот, пројавило симптоми. Согласно добиените резултати од страна на ЕПИ Одделот на ИЈЗ, бил утврден позитивен случај на конго-кримска хеморагична треска.

Портпаролот на Комисијата за заразни болести, Злате Мехмедовиќ денеска за МИА изјави дека не треба да се крева паника во однос на новата состојба со конго-кримска хеморагична треска.

Тој подвлече дека не очекуваат да има повеќе случаи на конго-кримска хеморагична треска во блиска иднина.