Постои можност за ширење од новиот сој на коронавирусот и далеку е од тоа дека светот може со сигурност да пресмета кога би бил и дали наскоро ќе се случи крајот на пандемијата. Се додека имаме нови соеви кои го зголемуваат бројот на новоинфицирани низ целиот свет, пандемијата уште е далеку од завршување. Со завршувањето на годишните одмори можноста за проширување на инфекцијата е голема.
Ова вечерва го истакна директорката на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби Милена Стевановиќ во гостување на емисијата Трилинг на ТВ 24. Таа апелира сите граѓани кои сега одат на годишни одмори, ако не се вакцинирани, сериозно да внимаваат во смисла на дистанцата и користењето на тоа што значи лична заштита.
– Многу е значајно дека потребата од прегледи на Ковид суспектни пациенти имаме се помалку или практично веќе и да ги немаме и тоа укажува дека стабилноста на епидемиолошката состојба во пракса е токму таа, дека не осцилира вирус во голема количина на нашата територија, но со завршување на годишните одмори и можноста за комуницирање и инфицирање ќе се зголеми, секако за време на јули и август. Сите тие луѓе ќе дојдат дома. Можноста да ја прошират инфекцијата е секако голема. Оттука и моето објаснување дека се уште мораме да бидеме внимателни во смисла на заштитата, рече д-р Стевановиќ.
Посочи дека во овој момент не очекува нови рестриктивни мерки. Според неа, мерките ќе зависат од состојбата кај нас, меѓутоа и од состојбата која ќе ја диктира светот токму поради летниот период, токму поради тоа брзо и едноставно движење на луѓето низ државите.
Затворањето, потенцира, за нас е проблем, премногу долго време трае, треба малку да го искористиме летото, можноста да бидеме на отворено и да одмориме малку од сето ова, но никако не смееме да ги занемариме основните мерки на превенција.
– Вакцинацијата е главниот начин за што побрзо прекинување на ширење на инфекцијата и ставање крај на пандемијата. Ние исто така веќе почнуваме апсолутно масовна вакцинација дури и на деца на возраст над 12 години во повеќе различни центри низ државата со цел да се брзо постигне повисок процент на вакцинирана популација. Главната причина за вакцинацијата е дури и да не бидеме стопроцентно заштитени, последиците од инфекциите и можностите што развојот на болеста може да ги предизвика, сметаме дека ќе бидат навистина занемарливи во однос на можноста од компликации кај невакцинирана популација, рече д-р Стевановиќ.
Во врска со тоа дали може да бидат спокојни граѓаните кои ги примиле и првата и втората доза вакцина во однос на делта вирусот, рече дека тие може да бидат далеку поспокојни од тоа што светот го кажува како искуство, иако рано е да се дадат прецизни математики и согледувања врзани со ширењето на делта сојот во Европа.
– Но, она што го кажуваат искуствата е дека вакцинираната популација е безбедна, но повторно ќе кажам ниту една вакцина за која било болест не овозможува стопроцентна заштита. Но, тоа што ни го овозможува со сигурност, а е многу значајно, е дека може да не задржи надвор од болниците и подалеку од сериозни компликации на болеста и најнесаканиот исход од неа. Сега и достапоста на вакцини за нашата држава е поголема и можноста да бидат помладите структури вакцинирани исто така, истакна д-р Стевановиќ.
Посочи дека Инфективната клиниката интензивно се подготвува за можноста повторно да има голем број пациенти кои ќе треба да ги згрижи во смисла на нега, третман, дијагностика и за се што е потребно и за тоа се подготвени.
– Колегите ротираат и веќе одат на годишни одмори. Во случај бројката да се зголемува, ние сме подготвени пациентите да ги прифатиме како и во претходните ситуации кога ги имавме првите бранови, додаде д-р Стевановиќ.
Ивана Хаџиванова, психолог, гешталт психотерапевт и супервизор рече дека се соочивме со огромен предизвик и оваа криза многу го загрози и афектираше менталното здравје и сите сега сфативме колку е сето тоа поврзано односно како стравот за соматското здравје и за егзистенција може да влијае и на менталното здравје и психолошката добросостојба.
–
– Се соочивме со огромни предизвици и тоа го почувствуваа сите возрасни категории. Луѓето станаа послободни поотворени и самата криза и нарушување на психичката состојба ги натера да го надминат стравот, стигмата, предрасудите и да побараат стручна помош. Имаме голем прогрес во однос на тој дел. Тоа го докажува и зголемата бројка на клиенти со кои работиме во Центарот во сиот овој период. Има уште еден мал процент луѓе кои се уште имаат страв, срам, предрасуди и сл. меѓутоа има значително подобрување, рече Хаџиванова.
Потенцира дека голем број луѓе кои прележале Ковид-19 едвај чекаат да се опуштат, да се придвижат послободно, да функционираат, да се вратат условно кажано во нормалното функционирање. Сето тоа, појасни, многу зависи од начинот на кој е прележан коронавирусот.
– Има разлика согласно тоа како индивидуата поминала со вирусот, како поминало поблиското семејство или пријателите или кругот во кој тоа лице функционира, дали можеби се случиле некакви загуби. Некои луѓе поопуштено се чувствуваат и се однесуваат и полесно се враќаат во нормалата, но има и една категорија луѓе кај кои можеби поради тоа што се уште се соочуваат со одредени последици кои Ковид-19 ги остава долготрајно, се уште силно перзистира стравот и се уште можеби поопсесивно ги почитуваат и мерките и се однесуваат и не им е толку едноставен тој процес на враќање, истакна Хаџиванова и изрази надеж дека ќе успееме некако да се вратиме во нормала.
Но, како што појасни, времето ќе биде најдобар дијагностичар што точно ќе се случува.
– Се надевам дека што поскоро ќе дојдеме до тој конечен крај на оваа пандемиска криза. Секоја криза како и оваа пандемиска криза носат низа промени и дел од нив може да останат подолготрајни – зборувам за промени во човештвото, за промени во функционирањето. На ниво на навики може да има дел на луѓе кои може ќе задржат одредени навики или поопсесивно ќе се однесуваат во однос на хигиената или можеби во однос на начинот на блиското поздравување и сл. Се соочивме со еден изненаден непознат вирус кој направи да има голем број жртви и тоа буди огромен страв кој е очекуван, една егзистенцијална неизвесност, анксиозност, паника, вознемиреност, ескалирана грижа за сопственото здравје, живот, како и грижа за најблиското семејство, додаде Хаџиванова.