По повод Светскиот ден на лицата со Даунов синдром, утре во 11 часот во Градски парк на Школка ќе се одржи хуманитарна трка за деца со Даунов синдром – „Run for Down“, во организација на Мечувалечкиот клуб „Ескрим“, кој четврта година по ред го организира хуманитарниот настан за овие лица.
Организаторката на трката и претседателка на клубот „Ескрим“, Билјана Кузмановска, за МИА изјави дека мечувалечкиот клуб разви платформа со која се вклучи во работата со лица со попреченост, поточно работа со деца со Даунов синдром, и оти има видлив напредок во нивниот целокупен развој.
Кузмановска вели дека мечувањето како спорт е исклучителен за здрав психофизички развој на децата и младите, бидејќи дава широка палета на способности што се развиваат.
– Веќе пет години работиме волонтерски со овие дечиња, за кои набавивме специјална опрема за мечување од Шведска, а и ние како тренери се едуциравме за оваа работа во Кралството Шведска, изјави за МИА Кузмановска.
Таа ни посочи дека со овие деца работат вежби за развивање на моториката, одржување на тонусот на мускулите, како и вежби што им овозможуваат поголема самостојност во животот и што им го олеснуваат секојдневието.
– Oд оваа перспектива, по неколкугодишно работење со децата со Даунов синдром бележиме виден напредок во развој на сите моторички способности, самостојност во изведување на вежбите, подобрен тонус на мускули, подобрена адекватна реакција. Инклузијата, исто така дава резултати, бидејќи со овие дечиња имаме и активности надвор од сала, па така настапуваме на „Визер скопски маратон“ веќе неколку години по ред, ги носевме на јавање коњи на Галичник, заеднички часови по мечување, вели Кузмановска за МИА.
Истакнува дека нивната активност придонела за подигнување на свеста за овие лица, а реакцијата, вели Кузмановска, дури и кај општествено одговорните компании пред пет години и денес не е иста.
– Оваа година веќе имаме компании што се пријавуваат за учество на хуманитарната трка со свои тимови. Во последните две – три години почнаа и други спортски клубови да ги отвораат вратите за децата со Даунов синдром, така што тие имаат повеќе активности како избор каде би можеле да учествуваат, додава Кузмановска.
Мечувалечкиот клуб „Ескрим“ постои седум години и е најмасовен и најтрофеен клуб во Македонија. Освојуваат награди на натпревари дома и во странство. Работат со деца од пет години па нагоре поделени во две групи, и тоа во еден термин со деца од пет – десет години, и во втор термин со деца над десет години.
Кузмановска вели дека сè поголем број луѓе се вклучуваат во овој хуманитарен настан, а оваа година средствата собрани од котизацијата ќе бидат наменети за Дневниот центар за деца со Даунов синдром.
Пријавувањето за настанот е на следниот линк www.smartrace.club.
Светскиот ден на лицата со Даунов синдром е воспопставен во 2006 година и се одбележува со различни активности, како театарски претстави, работилници, трки.
Датумот е избран симболично – 21 ден од третиот месец во годината, во знак на трисомијата, 21 хромозом што го предизвикува Дауновиот синдром.
Оваа година Светскиот ден на лицата со Даунов синдром се одбележува под мотото „Не оставај никого зад себе“ и дека секое лице со Даун треба да ги има истите можности како и секој друг, во секоја област од животот.
Во земјава овој ден се одбележа во повеќе училишта под слоганот „Шарени бои за поддршка на различноста“, а во знак на поддршка за лицата со Даунов синдром се носеа шарени чорапи и се лакираа ноктите во различни бои.