Не можеме да издржиме кога некој лицемерно вели дека треба да го признаеме Косово како независна држава. Србија не може да се признае самата себеси бидејќи Косово е Србија, изјави вицепремиерот и министер за надворешни работи на Србија Ивица Дачиќ.
„Ние сме слободарска нација и не толерираме тиранија и окупатори и затоа нашиот народ верува дека меѓународната заедница не е фер. Од Србија се бара да го признае таканареченото Косово, а Врховниот суд на Велика Британија пресуди дека Шкотска не може да одржи референдум за отцепување без согласност на централната власт во Лондон. И истата таа Велика Британија го призна еднострано прогласеното независно Косово без согласност на централната власт во Белград“, рече Дачиќ, говорејќи на изборното собрание на партијата Обединета Србија во Белград.
„Живееме во тешки времиња и затоа мораме да ги зачуваме слободата и мирот“, додал Дачиќ, пренесоа белградските медиуми.