Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ изјави дека е важно Српската православна црква (СПЦ) да работи на односите со Ватикан бидејќи во интерес на Србија е папата да биде на српската страна. Тој потсети дека Косово веќе некое време негува неформални врски со Ватикан.
„Мислам дека е време СПЦ, пред сè, да работи на тоа“, рече Дачиќ и потсети дека поранешниот претседател на Србија, Томислав Николиќ, го поканил папата во Србија, но поканата била откажана на барање на некои владици.
„Дали ни е важно дали Ватикан ќе го признае Косово или не… Дали ќе направиме нешто или ќе продолжиме да бидеме во рововите, кои не се практични за нас. Во наш интерес е папата да биде на наша страна“, истакна тој.
Тој тврди дека не е сеедно дали Ватикан ќе го признае Косово или не бидејќи се знае колку од светот е под влијание на Ватикан.
„Патријархот, епископите, Синодот – мора итно да реагираат во однос на Светата столица, како и Српската академија на науките и уметностите, со своите колеги во светот, како и со спортските федерации и сите други“, истакна тој.
Тој се осврна и на американската продажба на противтенковски ракети „Џавелин“ на Косово. Тој смета дека тоа не ѝ испраќа порака на Србија, туку дека е дел од долгорочната цел за помагање на независноста на Косово, која почна да се спроведува во 90-тите години.
Тој нагласи дека „Ослободителната војска на Косово добила оружје од многу земји: Германија, САД, исламските земји…“
„Ние имаме подлабок проблем, овде зборуваме за стратешките интереси на таканареченото Косово да биде независно, на што се спротивставуваме. Мора да бидеме остри, цврсти, мудри и реални во меѓународни околности“, рече Дачиќ и додаде дека Србија треба да продолжи да се вооружува.
Дачиќ смета дека е крајно време Србија да одлучи дали Косово е нејзино национално прашање или не. Тој заклучи дека Србија нема намера да води војна, но ако сака – „ни еден милион ракети ‘Џавелин’ не би му помогнале на Косово“.