Шефот на српската дипломатија, Ивица Дачиќ, изјави дека денеска се очекува да се финализираат преговорите меѓу Белград и Приштина во Белата куќа и дека на потпишувањето на „економскиот документ“ ќе присуствува и самиот врв на американска администрација, што ќе биде гарант за потпишаното.
-Се шпекулираше дека тоа ќе биде потпретседателот Мајк Пенс или претседателот Доналд Трамп … Доколку средбата биде успешна, на потпишувањето сигурно ќе присуствува и Трамп, рече Дачиќ утринава за ТВ Прва.
Тој смета дека присуството на Трамп ќе биде голема предност затоа што на тој начин американскиот претседател ќе стане гарант за потпишаното.
-Затоа ќе биде многу важно дали тој ќе биде присутен или не, дали ќе биде дел од таа приказна или не, рече Дачиќ.
Тој посочи дека српската страна сака договор и компромис, но дека не прифаќа ултиматум.