Шефот на српската дипломатија, Ивица Дачиќ, вечерва изјави дека од Вашингтон добил информација дека српскиот претседател Александар Вучиќ остро го отфрлил предлогот на САД на средбата во Белата куќа, што вклучува взаемно признавање на Србија и Косово.
-Точно е дека листот со сите предлози што се појавија во медиумите, вклучително и точка 10 (што подразбира взаемно признавање), беше на преговарачката маса во Белата куќа. Добив информација дека Вучиќ бил многу брутален Тој ја отфрлил точката 10, велејќи дека тоа е неприфатливо за Србија и дека ќе постапува во согласност со Уставот на Србија, рече Дачиќ за телевизијата Пинк, пренесе Бета.
Дачиќ изјави дека листот со текстот „никогаш претходно не и бил презентиран на српската делегација“ и оцени дека станува збор за обид за проширување на темите на состанокот во Вашингтон, бидејќи „се зборуваше дека економијата ќе биде на дневен ред“.
Вучиќ и премиерот на Косово, Авдулах Хоти, попладнево ги почнаа дводневните преговори во Белата куќа. Домаќин на состанокот е специјалниот пратеник на американскиот претседател за преговорите меѓу Србија и Косово, Ричард Гренел и советникот за национална безбедност на американскиот претседател, Роберт О’Брајан.
Српскиот министер за финансии Синиша Мали, кој се наоѓа во Вашингтон со Вучиќ, пред новинарите изјави дека на српската делегација и бил врачен лист хартија, според кој Србија треба да го признае независно Косово.
Гренел експресно реагираше на Твитер пишувајќи „Не е точно….“, дека од Вучиќ било побарано да го признае Косово.