Дали чувствувате предизвик на работното место? Дали ви е криво за изборот на вашата кариера? Дали сте среќни? Ако одговорите на овие прашања ви предизвикуваат негативни чувства, можеби треба да ги примените советите во продолжение.
Многу луѓе се помируваат со кариера којашто повеќе не им причинува задоволство. Ако одите на работа само за да плаќате сметки и ништо повеќе, многу си наштетувате. Секогаш можете да ја пренасочите вашата кариера со преземање контрола над идните одлуки. Сепак, заслужувате да бидете среќни и да има рамнотежа во вашиот живот.
Знаци дека ви е потребна промена на кариерата
Незадоволството на работното место може да има многу лошо влијание на вашето ментално здравје. Може да се појави стрес, предвремено стареење, дебелеење и други здравствени проблеми.
Физички знаци
Дали изгледате постаро откако се вработивте? Дали сте анксиозни? Дали имате какви било повреди од работното место? Навистина е одлично кога ќе ја добиете платата, но заслужувате да бидете во работна околина која го вади најдоброто од вас. Ако вашата работна околина е штетна, разговарајте со шефот за некои алтернативи. Ако вашите колеги или шефот ја користат вашата добрина и чувствувате анксиозност и страв дека ќе ја изгубите работата поради стресната околина, можеби тоа работно место не е за вас.
Ментални знаци
Бројот на луѓето со нарушување на менталното здравје постојано се зголемува, а најчесто причината е стрес. Ако вашата несреќа е поврзана со работното место, можете да чувствувате некои од следниве симптоми:
Напнатост во вратот
Проблеми со спиење
Проблеми со концентрација
Анксиозност
Депресија
Ако чувствувате дека вашата самодоверба се намалува, време е да размислите за работа во помалку стресна околина. Вашата негативна енергија може да се пренесе и на вашите пријатели и на семејството.
Зошто промената на кариерата е добра за вас?
Промената на кариерата може да ви помогне да остварите некој ваш сон, да ви ја зголеми самодовербата и да ви ја врати возбудата за работното место. Ако чувствувате некои од овие знаци, време е за промена:
Работење во негативна околина: Немојте да се обесхрабрувате. Негативната работна околина може да се промени со работење во нова организација.
Работење со напорен шеф: Предизвиците кои доаѓаат со напорниот и проблематичен шеф можат да бидат навистина стресни. Сè што е потребно е комуникација. Можете на професионален начин да му го кажете проблемот на вашиот шеф.
Се чувствувате изгубено: Повеќето луѓе остануваат на работното место што не го сакат поради страв од неуспех и од непознатото. Ако сакате да успеете, важно е да излезете од вашата удобна зона. Ако ви е страв од нешто ново, не заборавајте дека животот е краток.
Чести грешки што ги прават луѓето кога ја менуваат кариерата
Повеќето луѓе коишто сакаат да направат промена во кариерата се фрустрирани од некоја моментална ситуација на работното место. Каква е вашата моментална ситуација?
Барање за покачување на платата: Желбата за поголема плата може да натера многу луѓе да мислат дека избрале погрешна кариера. Проблемот со парите бара повеќе време во канцеларијата или работење на повеќе места истовремено. Понекогаш барањето работа со висока плата може да излезе сосем спротивно од очекуваното. Токму тоа се случува кога некој ја напушта компанијата за повисока плата и се враќа неколку години подоцна.
Одлука преку ноќ: Кога луѓето се под стрес или разочарани, често донесуваат брзи одлуки. Проблемот е што во овој случај не ги разгледувате позитивните и негативните страни на вашата одлука.
Одбивање на барање за унапредување: Важно е да знаете дека унапредувањето бара време. Немојте да ја менувате кариерата само затоа што не ве унапредиле веднаш.
Здодевност на работното место: Ако имате работа која е повторлива, нормално е да ви биде здодевно. За да ја разбиете монотонијата можете да го промените изгледот на работната маса, да се социјализирате со новите вработени и слично. Понекогаш потребно е само да направите забавна ситуација.
Промената на кариерата бара време, врски, образование, а барањето на ново работно место е цело патување. Пред да ја донесете конечната одлука, земете ги предвид следниве нешта:
Колку долго работите на оваа позиција?
Кој е проблемот на работното место? Дали соработувате добро со тимот?
Дали добивате признание за сработеното?
Дали би работеле за нов оддел?
Важно е да размислете за овие нешта бидејќи повеќето луѓе ја менуваат кариерата поради неважни фактори. Фактори кои би се промениле ако работат во друг оддел или во друга организација.
Како да направите промена и да успеете?
1. Направете план за кариерата
Овој план треба да ги содржи нештата што треба да ги направите, како одење на некој курс, учење нов јазик, создавање нови врски или подобрување на ситуацијата на работното место. Планот постојано нека биде со вас за да ве мотивира.
2. Размислете за вашите опции
Ако сакате сметководство, запишете 5 позиции од оваа област што ве интересираат. Доброто е што дипломите можат да се користат за повеќе работи. Нема потреба да се држите до она што општеството го смета за најдобра работа.
3. Бидете реални за предностите и недостатоците
Важно е да бидете искрени за јаките и слабите страни, можностите и заканите кои имаат влијание на сегашната ситуација. Земете ги предвид следниве работи:
Економски фактори
Директна конкуренција: Дали е барана оваа професија?
Локација: Дали треба да се преселите?
Достигнувања: За да се истакнете од конкуренцијата би било добро да имате некакви награди, претходно хонорарно работење, волонтирање и слично.
Образование: Дали треба да се вратите на училиште? Образованието може да биде скапо. Сепак, денес има безброј онлајн курсеви, а можете да се обучувате и самите.
На овој начин ќе поставите реалистични цели. Ако немате никаква цел, ќе бидете разочарани и нема да знаете што следно.
4. Најдете ментор
Некој којшто веќе работи на позицијата што ја сакате може да ви каже кои се предностите и недостатоците. Поставете му некои од следниве прашања:
Што е потребно за да се успее во оваа област?
Кои сертификати или дипломи се потребни?
Кои се предизвиците?
Има ли потенцијал за напредување во кариерата?
Најобичниот разговор со менторот може да ви го промени мислењето за промената на кариерата.
5. Истражете колкава е платата
Некои луѓе го менуваат работно место за професија која е помалку платена за сметка на некои други поволности. Побарајте каде вашата професија од соништата е најплатена и обидете се таму.
6. Бидете реалистични
Ако сакате да се најдете на позиција на извршен директор, важно е да бидете искрени со себе и да се запрашате дали тоа е за вас. Ако состаноците, разговорите за финансиите и слично ви се здодевни, оваа професија не е за вас. Ако сте интроверт и работењето со луѓе ве заморува, можеби работењето во продажба не е за вас. Запрашајте се дали би можеле да го работите тоа следните 5 години од вашиот живот.
7. На почетокот волонтирајте
Ако сакате да бидете менаџер, прво волонтирајте за да искусите како навистина изгледа работната позиција. Волонтирајте за која и да е професија за да се осигурите дека таа е вистинската за вас.
8. Подгответе ги вашите алатки за кариера
Можете да го прашате шефот, некој колега или менторот за потребните алатки за новата кариера. Ако ви е потребна професионална помош, можете да побарате некој што ќе ви помогне да го напишете вашето резиме. Земете ги предвид следниве нешта:
Онлајн пребарување: Пребарајте го вашето име за да видите какви резултати ќе добиете. Разгледајте ги фотографиите од вас на социјалните мрежи. Последното нешто што сакате да се случи е да бидете одбиени поради некоја непрофесионална објава на Интернет.
LinkedIn: Денес сè повеќе и повеќе се користи LinkedIn за работодавците да видат дали работното искуство се совпаѓа со резимето. Средете си го профилот бидејќи во спротивно ќе изгледа како воопшто да не сте се потрудиле.
Портфолио: Ова е одлично за луѓето кои се занимаваат со уметност, пишување, графички дизајн и слично. Најдобро е да направите едно онлајн портфолио, како и физичка копија.
Заклучок
Потребно е време за да ја промените вашата кариера. Обрнете внимание на физичките и менталните знаци за да го одржите вашето здравје. Заслужувате да бидете среќни на работното место и да си доаѓате дома без стрес. Ако ги избегнете најчестите грешки коишто ги прават другите, ќе ја откриете професијата која е најдобра за вас.