Поранешната претседателка на Судскиот совет Весна Дамева поднесе тужба до Управниот суд и кривична пријава до Обвинителството за нејзиното разрешување. Во писмена изјава за медиумите таа вели дека пред судот ја оспорува законитоста на одлуката да биде разрешена од функцијата
– Во отсуство на законски одредби кои ја регулираат ситуацијата за разрешување на претседател на Судскиот совет, недозволено е тоа да се користи и да се супституира со арбитрерно постапување, донесување, па отповикување на одлуки и создавање на правна несигурност внатре во Советот, што се одразува и во перцепцијата за работењето на овој важен орган во остварување на неговата задача, да ја обезбеди и гарантира самостојноста и независноста на судската власт, преку остварување на своите функции согласно со Уставот и законите, пишува Дамева.
Кривичната пријава до Обвинителството за “Злоупотреба на службената должност и овластување” Дамева ја поднесува бидејќи како што тврди нејзиното разрешување било не законски. Но, таа не наведува против колку колеги од Советот е пријавата.
– Останувам доследна на моето убедување дека правосудниот систем има капацитет да одговори на сите предизвици и да им обезбеди правна заштита на граѓаните и верувам дека надлежните институции ќе бидат на ниво на својата задача, со што во законита постапка ќе се утврди дека самоволие и беззаконие не смее да владее во институциите на државата и дека истото нема да остане заборавено и несанкционирано, неведува во писмената изјава Дамева.
Таа додава дека правната заштита ја побарала не поради нејзе лично туку да го заштити угледот на највисокото судско тело.
Весна Дамева беше разрешена два пати од претседател на Судскиот совет на предлог на заменикот Селим Адеми. Прво на 26 април, а потоа на 4 мај на затворена седница, прво беше отповикана првичната одлука и веднаш потоа беше повторно сменета од функцијата, а на нејзино место е избран Сашко Георгиев.