Министерот за одбрана на Данска, Јакоб Елеман-Јенсен денеска соопшти дека Владата на таа земја ќе и подари на Украина 19 артилериски системи од типот „Цезар“ од француско производство.
„Разговаравме со Украинците, особено за артилериските системи „Цезар“ и среќен сум што сега добивме широка поддршка од данскиот парламент за да ги донираме во украинската борба за слобода“, рече Елеман-Јенсен.
Во декември, украинскиот претседател Володимир Зеленски побара од западните лидери кои се состанаа во Летонија да достават широк опсег на системи за оружје, вклучително и артилериски системи Цезар.
Данска ќе се стреми брзо да ги подобри своите воени капацитети паралелно со донацијата, додаде министерот за одбрана.
Естонскиот министер за одбрана Хано Певкур денеска изјави дека земјата ќе испрати воена опрема во вредност од околу 113 милиони евра во Украина во својот најнов пакет помош за Киев во војната против Русија.
Британскиот министер за одбрана Бен Валас денеска изјави дека Лондон ќе испрати уште 600 ракети „Бримстон“, кои според него ќе бидат многу важни за да и помогнат на Украина да доминира на бојното поле.