Владејачка коалиција на Данска се согласи да воведе данок на емисиите на јаглерод диоксид и емисиите на стакленички гасови, соопшти денеска Владата.

Данска има една од најамбициозните програми за борба против климатските промени во светот. Земјата има цел да ги намали емисиите на стакленички гасови за 70 проценти до 2030 година и да стане целосно климатски неутрална најдоцна до 2050 година.

Како дел од поширокиот климатски договор, насочен кон намалување на емисијата на јаглерод во Данска за 3,4 милиони тони годишно, Владата ќе преговара за „зелена даночна реформа“ подоцна оваа година, во рамки на која компаниите треба да плаќаат даноци, чија сума ќе зависи од количината на испуштен јаглерод диоксид. Во март Данскиот совет за климатски промени, владино советодавно тело, истакна дека Данска треба нагло да го зголеми „данокот на јаглерод“ за да ги исполни своите климатски цели.