Кодомаќинот на Европското ракометно првенство Данска ја забележа втората победа во главната фаза во рамки на групата 1, откако вечерва пред 15.000 гледачи во Хернинг ја совлада Шпанија со 36-31 (16-14).

Данска со триумфот ѝ се приклучи на Франција на врвот на табелата со четири бодови, колку што има и Германија со натпревар помалку, додека Шпанија остана последна без бод и без шанси за пласман во полуфиналето.

Данска имаше резултатска контрола во првиот дел и на два пати водеше со највисоки плус четири голови разлика, но Шпанците до паузата успеаја да ја преполоват негативата.

Шпанија на почетокот на второто полувреме дојде и до израмнување на резултатот (17-17), но Данците инспирирани од фантастичниот голман Емил Нилсен возвратија со серија од 7-1 и стекнаа недостижна предност.

Нилсен запиша 14 одбрани на голот на Данска во чиј редови Емил Јакобсен беше најефикасен со осум голови.

Второто коло од главната фаза во групата 1 ќе биде комплетирано вечерва со пресметката меѓу Германија и Норвешка.