Данска од денеска почнува со користење на „ковид пасоши“ со цел да им помогне на „несуштинските компании“ повторно да се отворат кон клиентите. Сертификатот за вакцинација е достапен преку мобилна апликација или во хартиена форма.

„Ковид пасошот“ важи за луѓето кои се целосно вакцинирани, биле позитивни на Ковид-19 пред две до 12 недели или имаат негативен ПЦР тест во претходните 72 часа.

Целта е властите постепено да почнат со отворање на економијата во земјата до крајот на мај.

Рестораните, музеите, театрите и кино салите ќе бидат отворени на 6 мај.

До 21 мај, Владата проценува дека ќе има доволно вакцинирани лица на возраст над 50 години.

– Компаниите кои ќе дозволат влез за клиенти без соодветен „ковид пасош“ ќе бидат казнети со 400 евра или 6.000 евра за повторени прекршувања, додека клиентите ќе бидат казнети со 330 евра, предупреди данското Министерство за правда.

Сепак, некои трговци се незадоволни од воведената задолжителна мерка.

Данска е меѓу првите земји во Европа која спроведува ваков систем. Сепак, „ковид пасошот“ не може да се користи за патување, иако Владата се надева на тоа.

Околу седум отсто од 5,8 милиони жители на Данска се целосно вакцинирани, а вкупно 13,3 отсто примиле барем една доза.