Дарио Ивановски е првиот Македонец кој истрча маратон на Олимписки игри, но јасно е дека постигнатото време е далеку под неговите најдобри вредности.
Ивановски е свесен дека освоеното 69-то место и постигнатиот резултат (2:28.15 часа) не е тоа на што се надеваше пред трката, но откри дека се борел со повреда уште од шестиот километар на маратонската трка.
-Почитувани Македонци, пред сѐ сакам да ви се заблагодарам за огромната поддршка која ја имав во текот на овој маратон, но и пред оваа трка. Кога еден -маратон ќе се заврши, тогаш се вели дека се завршил успешно. Да му се заблагодарам на Бог што влегов во маратонот жив и здрав, но сепак имав мала повреда на стапалото и коленото која ја влечев од шестиот километар.
Тоа ме оневозможи да го одржам темпото кое го наметнавме на стартот. Од петтиот кон шестиот километар почнав да ја влечам ногата и почнав да се мачам, но тоа е што е. Го дадов максимумот, сега следи перид на опоравување и фокус кон следните цели. Можеби сите, вклучувајќи ме и мене, имавме поголеми очекувања. Јас верував дека можам подобро и се уште верувам во тоа. По времето 2:08 кое е мое најдобро и 2:28 денеска ќе се заклучи дека ми се случувало нешто на трката, а можам да кажам дека бев и подобро подготвен според тренинзите кои ги имав пред Париз. Се надевам дека на следната трка и на следните предизвици ќе го видите стариот Дарио, дури и подобар од тоа што бев. Се гледаме во наредни предизвици, ве сакам сите, вели Дарио Ивановски.