Одземањето на дозволата на „Еуростандард банка“ покажува дека Народната банка е подготвена да преземе навремени корективни супервизорски активности за да се обезбеди целокупната стабилност на финансискиот систем, смета извршниот директор во Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Антони де Ланој.

Де Ланој, кој е член на Извршниот одбор на ММФ и е задолжен за Македонија, на состанокот со тимовите на Народната банка и Министерството за финансии одржан во рамките на Годишните средби на ММФ и Светската банка и фокусиран на состојбите во банкарскиот систем, оцени дека Народната банка е професионална и независна институција, којашто при одлучувањето ги применува највисоките меѓународни стандарди и најдобрите меѓународни практики.

Искажувајќи поддршка за постапувањето на Народната банка, Де Ланој се осврна и на некои од изјавите и случувањата по затворањето на „Еуростандард банка“.

– Обидите за политизирање на активностите и одлуките на Народната банка се ризик за загрозување на независноста на Народната банка. Меѓународното искуство покажа дека без независност, централните банки се воздржуваат од донесување тешки, но неопходни одлуки, што на крајот ја става во опасност стабилноста на севкупниот финансиски систем и може да доведе до далеку поголеми загуби за општеството отколку кога навремено се преземаат потребните корективни супервизорски активности, рече Де Ланој.

 

Исто така, како што соопшти Народната банка, тој жали што има шпекулативни и неточни јавни изјави дадени од некои засегнати страни, во врска со банкарскиот систем и Народната банка.

Де Ланој тврди дека ваквите изјави може да имаат сериозни штетни ефекти и ги повика сите засегнати страни да се воздржат од неодговорно однесување што може да ја доведе во опасност стабилноста на финансискиот систем, особено во време на глобална криза и во време кога ММФ го оценува македонскиот финансиски систем во целина како стабилен.

Тој посочи дека ефектите од регулаторните барања коишто во изминатите години Народната банка ги засили во согласност со најновите меѓународни стандарди и со глобалните најдобри практики, се согледуваат и преку последните податоци коишто покажуваат дека банкарскиот систем е отпорен на шокови.

Де Ланој нагласи дека банките во Македонија, во моментов се добро капитализирани, мерено според адекватноста на капиталот на системот, којашто е повеќе од двојно повисока од минималните регулаторни барања согласно со глобално прифатените стандарди на Базел III. Според извршниот директор на ММФ, стабилниот банкарски сектор ќе биде силна основа за раст на економијата во посткризниот период.

Инаку, на состанокот, како што се наведува во соопштението, исто така, беше оценето дека во услови на соодветно ниво на девизни резерви и ограничени инфлациски притисоци, Народната банка ефикасно го користи својот простор за спроведување мерки што ја поддржуваат економијата за време на ковид-кризата. Беше истакнато дека како регулатор и супервизор на банкарскиот систем, Народната банка презема мерки од почетокот на ковид-кризата за ублажување на финансискиот товар на компаниите и домаќинствата, истовремено одржувајќи ја стабилноста на системот.

Со Де Ланој се разговараше и за предизвиците за економијата во претстојниот период. Тој истакна дека ММФ ќе продолжи да обезбедува поддршка за своето членство во овие тешки моменти, додава Народната банка во соопштението.