Поранешниот играч од средниот ред на Рома, Даниеле де Роси (36), ја преиспитал својата иднина и е блиску до договор со аргентинскиот клуб Бока Јуниорс, вели италијанскиот новинар Џанлука Ди Марцио.
Пред само една недела, медиумите на Апенините тврдеа дека долгогодишниот играч на „волците“ зел одлука да стави крај на својата фудбалска кариера и да се проба како тренер.
Де Роси го одигра својот последен натпревар за Рома на 26 мај против Парма. Оттогаш, голем број клубови, меѓу кои и Бока Јуниорс, се интересираат за него, каде спортски директор е поранешниот негов соиграч, Николас Бурдисо. Тие се блиски пријатели, и уште во средината на мај, Бурдисо самиот објави дека вратите на Бока се „широко отворени за играчи од калибарот на Де Роси“.
Очигледно во последните неколку дена имало развој на оваа тема. Според информациите на Ди Марцио, предлогот на Бока е за осуммесечен договор и 500.000 евра, а договорот се очекува да биде финализиран пред викендот.в