Заедницата на единиците на локалната самоуправа останува партнер на сите општини и сите се третираат еднакво без да се дозволи политичко мешање во нивното функционирање, рече вечерва претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Кисела Вода во дебата со стумичкиот градоначалник Костадин Костадинов на ТВ Телма.
– ЗЕЛС останува партнер на сите општини и тоа е мостот меѓу локалната и централната власт. Со подадена рака може да ги надминеме сите проблеми. Вчера седнавме на маса заедно со моите потпретседатели Перо Костадинов од СДСМ и Висар Ганиу од Вреди, со градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски за проблемите кои ги има и понудивме медијаторство за надминување на проблемите. Ме радува изјавата на струмичкиот градоначалник Костадин Костадинов дека останува да членува во ЗЕЛС, затоа што обединети општини можат да придонесат значително повеќе во соработката со која било централна власт – рече Ѓорѓиевски.
Градоначалникот Костадинов истакна дека ја цени посветеноста на ЗЕЛС за решавање на проблемите, затоа што секој проблем е решлив, како и оној со водата во Струмица.
Тој посочи дека напуштањето на ЗЕЛС е невозможно поради потребното гласање за таква одлука во општинскиот совет, како и поради користењето на апликациите и електронските системи на ЗЕЛС за издавање на градежни дозволи и продажба на земјиште.
– Мојата цел не е да го напуштам ЗЕЛС од што сакам да го напуштам или да алудирам на некаква непочит кон колегата Ѓорѓиевски или кој било друг градоначалник. Алармот за проблемот со водата за пиење е вклучен, за да пристапат централните органи за надминување на состојбата – изјави Костадинов.
Деновиве, пак, Костадинов соопшти дека го напушта Управниот одбор на ЗЕЛС.
Ѓорѓиевски истакна дека во ниеден момент од кога е претседател на ЗЕЛС не дозволил политичко мешање во асоцијацијата и секогаш се стреми кон тоа ставовите да бидат насочени кон тоа да се решат некои проблеми во одредена општина.
– Ова што се случи изминатиот период на мое жалење, морам да констатирам, а и верувам дека беше избрзана реакција на моите колеги и верувам дека можеме цивилизирано да разговараме, да си подадеме рака да се надминат проблемите. Јас не велам дека Коста не се соочил со проблем, но, за тоа требаше да се дискутира, требаше колегата Костадинов да нè извести, да побара поддршка како што тоа го направи Јакимовски вчера – рече Ѓорѓиевски.