Во охридското село Годивје, во општина Дебрца, утрово со правење на народниот, локален, специјалитет – ѓомлезе, меѓу населението познато јадење и како тури – потпечи, почна манифестацијата „Ѓомлезијада“ што има натпреварувачки карактер.

Според програмата, 20 припаднички на понежниот пол, од сите села на општина Дебрца, со своите реквизити – сач и пирустија, како и другите потребни садови и алатки, ќе подготвуваат ѓомлезе според личен рецепт, а организаторот КУД „Дебрца“ обезбеди брашно, зејтин, сол и дрва.

Во дегустацијата, оценувањето и одбирањето на победници за најдобро направено ѓомлезе ќе учествуваат сите посетители, по што ќе следи доделување на наградите – за прво, второ и трето место.

За време на манифестацијата, гостите ќе ги забавуваат фолклорни групи меѓу кои и Прима бенд, Елена Јовческа, Дарко Стојаноски и Спасе Матлиоски.