Детска колонија се реализира вечерва во дворот на Вински музеј Кавадарци, каде осумдесетина деца сликаат под менторство на ликовни уметници педагози и вработени во Музејот.
Настанот е плод на заедничката соработка помеѓу оваа културна установа и здружението на кавадаречки уметници Роднокрајци. Цртежите од изложбата утревечер ќе бидат презентирани на градскиот плоштад. Изложбата ќе биде од хуманитарен карактер, парите од продадените цртежи од децата, ќе бидат донирани во хуманитарни цели. Колонијата е финансиски поддржана од локалната самоуправа и е во рамките на Кавадаречко културно лето.
– Вински музеј континуирано организира голем број на настани за сите генерации. На тој начин ја презентираме историјата, културата и традицијата на овие простори. Истовремено, со хуманитарниот карактер на настанот, упатуваме порака до пошироката заедница, да се следи нашиот пример и да се помогне, таму каде што е неопходна поддршка, нагласи Анета Атанасова, в.д директор на Музејот.
Претседателот на Роднокрајци, Ќиро Јосифов рече дека Кавадарци е расадник на млади ликовни таленти и дека секогаш им даваат поддршка на младите во изразување на нивниот уметнички израз.