Децата на руски шпионски пар кој се врати дома во четвртокот по најголемата размена на затвореници меѓу Западот и Русија од Студената војна ја дознаа својата националност дури на летот за Москва, јавува Би-Би-Си.

Артем Викторович Дулцев и Ана Валериевна Дулцева се претставувале како аргентинска двојка која живее во Словенија, каде што завршија во затвор поради шпионирање. Нивните деца не зборуваат ниту збор на руски и не знаеле кој е претседателот Владимир Путин, потврди портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Децата, рече Песков, ги прашале своите родители кој е човекот што ги сретнал при слетувањето. Станувало збор за рускиот претседател Владимир Путин.

Да потсетиме, минатата недела беа разменети вкупно 24 лица кои беа затворени во седум различни земји. Шеснаесет западни затвореници биле држени во руски затвори, а осум руски затвореници во САД, Норвешка, Германија, Полска и Словенија. Меѓу нив беше и новинарот на Wall Street Journal, Еван Гершкович.

Четиричленото руско семејство беше срдечно пречекано по слетувањето, а Дулцева и нејзината ќерка добија цвеќе и топла прегратка од претседателот Путин. „Buenas noches“, им рекол претседателот на децата на шпионите додека ги поздравувал на шпански.

Според аргентинските медиуми, двојката била позната како Марија Мајер и Лудвиг Гиш, а во Словенија пристигнале со аргентински пасоши во 2017 година.

Сопругот основал нова ИТ компанија под неговиот псевдоним, а сопругата имала онлајн уметничка галерија. Семејството ја користело Љубљана како база, а во 2022 година двојката била уапсена од словенечката полиција под обвинение за шпионажа.

Пред големата размена на затвореници, Дулцев и неговата сопруга биле осудени на по 19 месеци затвор откако се изјасниле за виновни за обвиненијата за шпионажа. Но, поради нивните апсења во 2022 година, тие беа ослободени поради отслуженото време и наредено да ја напуштат Словенија, пишува Асошиетед прес.

Дури завчера, за време на големата размена на затвореници меѓу Русија и Западот, шпиони од Кремљ и нивните деца беа вратени во Русија.

Животот на 11-годишната Софија и 8-годишниот Габриел потоа се променил, а дека се Руси дознале дури кога авионот тргнал од Анкара кон аеродромот Внуково, соопшти Кремљ.

„Децата на тајните агенти вчера ги прашаа нивните родители кој им посака добредојде“, рече Песков, додавајќи: „Тие не ни знаеја кој е Путин “.