Британската Влада е повикана да отвори истрага, за тврдењата дека телефонот на поранешната премиерка Лиз Трас бил хакиран, додека таа ја извршуваше функцијата министер за надворешни работи, јави Би-би-си.

Дејли мејл објави за приватни пораки меѓу Трас и странски личности на високи функции, меѓу другото и за војната во Украина, што завршиле во рацете на лица однадвор.

Хакирањето е откриено за време на летната кампања на ториевците за лидер, но, веста беше потисната, пишуваат британските медиуми.

Владата уверуваше дека има „цврста“ заштита од кибер напади.

Портпаролот додаде оти Владата „не ги коментирала безбедносните аранжмани на поединци“.

Дејли мејл наведува дека приватни пораки разменети меѓу Трас и Кваси Квартенг, нејзиниот близок пријател кој таа го именуваше на функција кога стана премиерка, исто така биле откриени со наводниот хакерски напад.

Постојат сомневања дека зад наводниот хакерски напад стојат агенти, за кои се верува оти работат за Русија. Би-би-си не успеа да ги потврди овие сомнежи.