Тренерот на македонскиот шампион Вардар, Давид Дејвис, многу веројатно нема да го продолжи својот престој во „црвено-црното“ семејство. Ова станува извесно по одлуката на ЕХФ, да го исфрли Вардар од Лигата на шампионите.
Шпанецот дојде во Вардар во декември минатата година и успеа да направи добри резултати, односно да ја освои двојната круна во Македонија. Во Лигата на шампионите, тимот го освои петтото место и беше елиминиран од Веспрем во осминафиналето.
По последниот развој на настаните и суспензијата од ЕХФ, најверојатно е дека шпанскиот стратег ќе побара друга средина. Тој за 24Ракомет викендов во Келн потврди неговото останување во Скопје е врзано со играњето на Вардар во ЛШ, а со оглед на тоа што македонскиот тим нема да добие дозвола да игра во елитното натпреварување, многу веројатно е дека ќе има нов предизвик.
Неизвесно е што ќе се случува и со ракометарите што потпишаа договори со Вардар за наредната сезона – левиот бек Жилберто Дуарте, пикерот Павел Андреев и десниот бек Нејце Цехте.
Европската ракометна федерација деновиве треба да ја објави одлуката донесена во петокот на состанокот на Извршниот Комитет, а до крајот на неделата ќе бидат познати сите учесници во ЛШ за следната сезона. Ждрепката е закажана за 1 јули.