Грчко-кинеските односи постигнале значителен напредок од воспоставувањето на дипломатските односи пред 47 години; двете страни се обврзуваат да ги продлабочат и да ја зајакнат соработката во повеќе области, како што се морската, економската, туристичката, соработката во олеснувањето на трговијата на земјоделско- прехранбените производи, во однос на истражувањето и технологијата итн, се дел од 17-те точки вклучени во заедничката декларација меѓу Грција и Кина за зајакнување на стратешката соработка, јави дописничката на МИА од Атина.
Во декларацијата, двете земји велат дека и покрај комплексните и длабоки промени на меѓународната сцена, Грција и Кина „водени од вредностите на заемно почитување и заемен интерес, работеа на продлабочување на грчко- кинеската сеопфатна стратешка соработка“ што придонесува за одржување на меѓународниот мир и стабилност, како и унапредување на светскиот развој и просперитет.
Според декларацијата, Кина ја препознала улогата на Грција во промоција на соработката меѓу ЕУ и Кина, се согласиле да работат повеќе за зајакнување на оваа стратешка соработка. Паралелно , ја споменуваат и важноста на иницијативата 17+1, а го потврдуваат и нивното почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет на двете земји.
-Грција ја потврди нејзината заложба за принципот „една Кина“, почитувањето на суверенитетот и територијалниот интегритет на Кина, како и поддршката за унификација на Кина. Кина ја призна конструктивната улога на Грција во промовирањето на стабилноста, безбедноста и просперитетот во Југоисточна Европа, Медитеранот и на Балканот, пишува во декларацијата.
Двете страни се согласиле дека Грција и Кина, „две од најважните лулки на цивилизацијата во историјата на човештвото, треба да ја продлабочат својата соработка во областа на културното наследство, археологијата, уметноста, образованието и туризмот“, но и да ги подобрат контакти меѓу народите од двете земји. Во декларацијата, Грција и Кина велат дека се подготвени да разгледаат позитивни активности, „како што е организирање на Година на култура и туризам во Грција и Кина во 2021 година“.
Декларацијата меѓу двете земји доаѓа по вчерашните средби на претседателот на Народна Република Кина, Си Ѓинпинг, со премиерот Грција, Кирјакос Мицотакис и грчкиот претседател Прокопис Павлопулос во Атина и потпишаните 16 договори за соработка во различни области.
Павлопулос синоќа приреди свечена вечера во чест на кинескиот претседател на која присуствуваа и грчкиот премиер, Мицотакис, лидерот на СИРИЗА, Ципрас, членови на владата, претставници на дипломатскиот кор, како и кинеската делегација. Двајцата претседатели уште еднаш ја повторија нивната посветеност за продлабочување на стратешката соработка меѓу двете земји.
Претходно, пред свечената вечера во претседателската палата, Си Ѓинпинг и Кирјакос Мицотакис, заедно со нивните сопруги ги посетија канцелариите на кинеската компанија Cosco на атинското пристаниште Пиреас.
Денес, на последниот ден од официјалната посета на Грција, кинескиот претседател ќе се сретне со лидерот на СИРИЗА и поранешен премиер, Алексис Ципрас, а потоа, во придружба на Прокопис Павлопуслос, Си Ѓинпинг ќе го посети музејот на Акропол.