Некои од републиканци од САД беа меѓу првите кои му ја честитаа на демократот Џо Бајден изборната победа на претседателските избори, со што дадоа знак за традиционалното постизборно единство и изразувајќи надежи за враќање на единството во земјата.
Џеб Буш, потомок на познато републиканско политичко претседателско семејство и поранешен претседателски кандидат, беше меѓу првите што испрати честитка до Бајден од редовите на републиканците.
“Честитки за новоизбраниот претседател Бајден. Се молев за нашиот претседател поголемиот дел од мојот возрасен живот. Ќе се молам за тебе и за твојот успех. Сега е време за залечување на длабоките рани. Многумина сметаат на тоа дека ќе водиш по тој пат”, напиша Буш на Твитер.
Честитки и од Ромни
И сенаторот Мит Ромни, кандидат за претседател на Републиканската партија во 2012 година, му ја честиташе победата на Бајден.
„Ен и јас испраќаме честитки до новоизбраниот претседател Џо Бајден и избраната потпретседателка Камали Харис“, напиша Ромни на Твитер, честитајќи од свое име и од името на неговата сопруга.
“И двајцата ги познаваме како луѓе со добра волја и карактер достоен за восхит. Го молиме Господ да ги благослови во деновите и годините што доаѓаат”, напиша понатаму Ромни, сенатор од конзервативната држава Јута.
Некои сојузници на Трамп се уште се со него
Многу сојузници на актуелниот претседател Доналд Трамп во Конгресот, сепак, велат дека изборите сè уште не се завршени, повикувајќи се на натамошно пребројување на гласовите и наводите на Трамп за измама.
„Медиумите не треба да одредуваат кој е претседател“, напиша сенаторот од Мисури, Џош Хоули.
„Откако ќе се пребројат сите легални гласови, пребројувањето ќе заврши, а обвиненијата за измама ќе бидат разгледани, тогаш ќе знаеме кој е победникот.“
Пратеникот од Тексас, Џоди Арингтон, член на Претставничкиот дом, рече дека не би било паметно да прифатиме „каков било резултат пред да заврши пребројувањето, пред да биде анализиран од судовите и да се утврди дека бил фер и точен“.