Делегација на НАТО предводена од врховниот командант на сојузничките сили за трансформација, францускиот адмирал Пјер Вандие, ја посети Украина, што е прва таква посета по руската инвазија на земјата во февруари 2022 година, јавија денеска француските медиуми.

Според Павло Палиса, заменик-началник на кабинетот на украинското претседателство, разговорите се фокусираа на учеството на украинскиот воен персонал во идните вежби на Алијансата.

Двете страни разговараа и за развојот на Заедничкиот центар за анализа, обука и образование меѓу НАТО и Украина, што е отворен на почетокот на 2025 година. Украинските власти ја нагласија својата улога во безбедносниот сектор, наведувајќи дека Украина повеќе не е само потрошувач, туку и производител на воена експертиза.

Во мај 2025 година, вежбата наречена „Хедгехог 2025“ собра повеќе од 16.000 војници од 12 земји-членки на НАТО, заедно со украински експерти за беспилотни летала.

Според американските медиуми, вежбата, одржана во Естонија, имаше за цел да симулира бојно поле со беспилотни летала и ги истакна ранливостите на Алијансата во услови на модерно војување со беспилотни летала.  (МИА)