Вашингтон настојува да ја присили Европската Унија да испадне од игра и на тој начин да го преземе решавањето на косовското прашање, пишува словенечко „Дело“ и оценува дека за Вашингтон спогодбата за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина и не е толку важна, колку што е можноста претседателот Доналд Трамп во борбата за реизбор да добие свој „Дејтон“.

На прв поглед, коментира љубљанскиот весник, изгледа неразумно што Вашингтон се обидува да го наговори Лондон да излезе од ЕУ, додека на Белград му порачува дека признавањето на независноста на Косово е неопходно доколку сака да се приклучи кон ЕУ.

„Ова звучи цинично, бидејќи приказната за европското сојузништво, иако избледнува, е стара две децении. Тоа доведува до заклучокот дека САД сакаат да ја присилат ЕУ да испадне од играта и на тој начин да го преземат решавањето на косовското прашање“.

Весникот пишува дека американскиот претседател Доналд Трамп забележал можност неговата земја да истапи напред по судирот меѓу Берлин и Париз за прашањето на проширувањето, и наведува дека и Белград и Приштина го повикале Вашингтон да ја преземе водечката улога во овој процес.

Американскиот претседател, оценува весникот, воопшто не е заинтересиран за суштината на спорот меѓу Белград и Приштина, ниту за тоа дали „спогодбата меѓу Србија и Косово ќе ја зголеми стабилноста или нестабилноста во регионот“.

Сè што го интересира Трамп, коментира „Дело“, е спактаклот што Белата куќа може да го подготви доколку идниот договор биде потпишан во Вашингтон.

„Во борбата за реизбор му е потребно нешто спектакуларно, што би имало слична тежина како што Дејтонскиот договор имаше за Бил Клинтон. Значи, сите можности остануваат отворени, вклучувајќи го и цртањето нови граници на Балканот“, пишува „Дело“ во текстот под наслов „Балкански спектакл во Белата куќа“.