Од минатото на Горноселието
Близнаци
Ко заврши Првата светска војна, ко ватиле болези, не прибирала болеста ни стари ни млади, се со ред ојло. Туку ќе го стресит ко грозница, огон, огон и саде ќе го гљаш, се надолу, надолу, ајт…
Е, селаниве, знајш еден ќе речит, така е од Бога, писание, да се ништит народ. До сега со војни, сега вака, Бугарите си оја, Србите идја, ама то болезите не тивнуваја. Бре на кушање ги носја, ама туку ќе речеја од гушата умрел, го стресло и се така, немаше лек, никако народот да тивнит од лошотијата што влезе во селото. Чул некој, да не јет чумата, Бог да чува, да го заораме селово оти и во други села така се чуло, прајле.
Е како да се прајт, што да се прајт, требало двајца браќа близнаци и ѕевгар од два вола, и тије близнаци. Му текна некому: „Во селото немат така двајца браќа близнаци, оти Трајан и Сотир мали бја тогај, четири пет години така.“
– Тије ќе бидат рекоја луѓето, немаме други.
Два вола близнаци донесе попот од Ракитница, оти тој служеше и во селата. Прочати, прочати како што било ред и киниса ѕевгарот од кај Максима Велески, тука, троа пругоре и по Мачка, ајт, Трајан напред ји водит волојте, а Сотир ѓоа плугот го крепит. Ама није околу ними, ако кршнит плугот, ние ќе је опрајме, ако замавнит некој од волојте, ама од селаниве и одаде и отаде имаше мажи, плева бја, помагаја.
Попот пак се помоли на Господа и си зеде ѕевгарот, си отиде удолу. Ама за чудо некое, застана народот. Ден за ден, ретко, така кој ќе умрит, дип ако, јет заслабнат или ако се десит друга некоја случка, така. Се накрена народот, си вати работата, толку беше. То го знајме није постарите оти, от ко го заораја селово околу со близнаци, арно виде народот.
(Раскажал Совранија Петкоски, 1961, септември, роден 1877 г.)
Двајца рудари
Ко работевме во Цер, на рудник, раскажуваше Миле Силјаноски, си идевне на две недели дома. Имавме еден надзорник од Ижишта, а пак бригадирот беше од Дворци, Стојан го викаа. Ни велит еден ден, овој вагон да се наполнит со руда, рачно се полнеше тогај, и само го туркате по пруга и толку. Тамо други го растовараат. Така напрајвме и сега ни велит, имате по три дни слободни, тој коп се завршуваше.
За вамо си кинисавме ја и едно Пусторечанче, ама до кај Крушка не стемни. Ајде, ајде слеговме над Пуста Река и тој си замина дома. Оди со здравје бре Миле. Ене каде е Долно Дивјаци, ќе се видиме в понеделник на филан место, ко ќе ојме пак на руда.
Јас пак трчајќи преку долчињана, млади бевне тогај, за час слегов удолу. Отаде од кај нивана од Василета карши коријана Кусеска, се преметна некој пред мене. Мајката си реков, чојков не прогори со мене.
Јас потрчав кон таму и му реков:
– А бре, кој беше ти, да си ојме со муабет до село!
Пак не прогори, се оддалечи појќе и јас го гледав така бајчки пред мене, ама си ојф по него. Едно време се изгуби.
Кај водејнцана од Џивџановци, пак излезе пред мене и сега ојме кон Тури Камен. Кршна кон каменот, се поткачи на највисокото и јас гледам кај ќе ојт сега. Слезе удолу простум (каменот е висок 20 м. стрмно). Се сетив ова е волкот да го јадит. Му ја летнав, а бре за минут се најдов дома. Брам со вратата и татко ме сети и ми рече:
-Ти си бре Миле?
– А бре јас сум, татко, туку вака и вака му кажувам за случката. Тој само ми рече:
– А бре ко ќе кинисат чојк сам по патиштана… А појќе не прајвне муабет, беше многу доцна.
По ова долго време се зборуваше низ селава. Во други села да скршит нога! Кај се најде вамо да се напратит, тој натемаго.
(Раскажал Миле Силјаноски, роден во Долно Дивјаци, 19340 г. – 3.8.2003 г.)
Од книгата „Луѓе, времиња, обичаи“ од Крсте Велески, Скопје 2010 г.(Подготви Марко Китевски)