Пред да замине од министерската фотеља министерот за здравство Илир Демири стави потпис на разрешувањето за првиот човек на Кардиохирургија Марјан Шокаровски. Смената на медицинскиот директор според Демири била поради нарушени меѓучовечки односи на што пред неколку дена во медиумите се пожали и докторот.
Дополнително Демири обвинува за неправилности во евидентирањето на пациентите, отпусните листи и посмртниците.
Доктор Шокаровски за ТВ 24 вели дека неговото разрешување е незаконско и противуставно, бидејќи техничкиот министер до формирање на нова Влада нема овластувања за тоа.
– Изборниот законик е дециден дека до формирање на новата Влада, техничкиот министер нема овластувања ниту можност за разрешување. Дотолку повеќе тоа претставува кршење на законот и се надевам институциите ќе се држат до почитување на постоечките закони. Што се однесува до гнасните лаги и клевети околу наводите за зголемена смртност, со што сакаат да се уништи една од најдобрите и најуспешните приказни во јавното здравство , јас и стручниот колегиум на Клиниката во текот на наредните денови ќе излеземе со фоицијален демант и точни резултати – вели д-р Марјан Шокаровски.
Шокаровски беше ставен за нов директор откако претходниот министер Фатмир Меџити го разреши долгогодишниот директор на Кардиохирургија, Сашко Јовев. Покрај директорот на кардиохирургија, ресорниот министер претходно брзопотезно го разрешни и медицинскиот директор на клиниката за токсикологија Данил Петровски. Но за економската директорка Бесија Иљази за чие раководење со месеци се жалат дел од вработените министерот имаше само заштитнички зборови.