Владата и Министерството за здравство ќе помогнат да се покријат трошоците за лекување на младиот Леонид во Виена. Тоа го вети министерот за здравство Илир Демири, но кажа дека во предизборен период и во време на техничка влада системско решение не може да се најде.
„Сме збореле со семејството Индов и брзо ќе добиете епилог. Не сакам медиумска кампања апропо изнаоѓање на решение. Државата, Владата и Министерството за здравство се посветени комплетно и ќе најдеме решение да му се помогне не само на Индов туку на секој еден пациент кој има потреба“, изјави Демири.
Младиот Леонид на 6-ти февруари со полициски хеликоптер беше префрлен во Виена на лекување. Откако поминаа две недели како тој беше сместен на клиниката во Виена од Фондот за здравство го отфрлија барањето за неговото лекување, со образложение дека истото лекување е можно и во Македонија без притоа да наведат во која установа. Против ваквата одлука на првостепената комисија на Фондот таткото на Леонид поднесе жалба. Сега на потег е второстепената комисија да делува.
Против негативната одлука реагираше и заменик народниот правобранител кој најави иницијатива за промена на законските решенија кои не дозволуваат медицинска рехабилитација во странство.
18-годишниот Индов минатото лето доживеа тешка несреќа на летување во Грција што предизвика повреда на рбетниот мозок.
За лекувањето на Леонид во странство се потребни повеќе од 140 илјади евра, средства кои семејството ги собира преку донации.