Претседателот на Собранието, Талат Џафери, побара денеска Движењето Беса да се изјасни дали ќе дејствува како власт или опозиција, бидејќи не може дел од пратеничката група да дејствува како опозиција, а другиот дел да функционира во рамки на парламентарно мнозинство.

-Засега формално тие се една пратеничка група. Но од петок со изборот на новата Влада ќе мора да го дефинираат својот статус затоа што не може дел од нив да бидат во Владата, а другите да бидат спротивни на нив. Со тоа нема да можат да ги уживаат привилегиите како пратеничка група, рече Џафери на брифингот со новинарите.

Од крилото на Билал Касами велат дека Движењето Беса од претходно се изјаснило дека е во опозиција и јасно дале до знаење дека преговорите за влез во Владата се прекинати. Двајцата нивни пратеници остануваат на тој став и велат дека секој кој мисли поинаку ќе треба посебно да се изјасни.

-Во однос на парламенатрната група, таа технички формално сè уште функционира. Ние двајца пратеници сме дел од структурите на партијата и дејствуваме во склоп на тие политики, а тројцата колеги нека се изјаснат индивидуално како ќе дејствуваат, изјави пратеникот Фадил Зендели.

Според некои најави, двајцата пратеници на Беса, кои стојат зад Касами, нема да ги поддржат предлозите за нови министри.