Французите по терк на канадските камионџии денеска излегоа на протести во Париз против рестриктивните ковид мерки. Уште на самиот старт се соочија со полициска контрола. Француската влада распореди 7.000 полицајци околу главниот град со цел да го спречи најавениот конвој кој се имаше упатено кон Париз.
Дополнително полицијата соопшти дека сите кои ќе блокираат патишта се соочуваат со двегодишна затворска казна, 4.500 евра парична казна и одземање на возачката дозвола. Најавите за високи казни сепак не ги обесхрабрија граѓаните кои уште синоќа се упатија кон престолнината, и им порачаа на сите европски власти дека Париз е само првата станица.
Француската полиција испука солзавец кон демонстрантите на Елисејските полиња во центарот на Париз, непосредно откако во градот влезе „Конвојот на слободата“, кој протестира против антиковид мерките.
Возилата со демонстранти успеаја да ги поминат полициските контролни пунктови во центарот на Париз за да го попречат сообраќајот околу Триумфалната капија.