Доколку во Србија се експлоатира литиум, Владата на Србија ќе треба да изградби фабрика за производство на батерии и фабрика за електрични автомобили, јави дописникот на МИА од Белград.
– Србија нема да дозволи експлоатација на литиум само за да го извезе во други земји. Нема гаранции дека ќе се прекине соработката со Рио Тинто, но постои отворена можност државата да најде нов партнер, чиј углед нема да биде нарушен, како во случајот со британско-австралиската корпорација, која се соочи со неколку обвинувања за уништување животната средина на глобално ниво, пишува истражувачко-издавачкиот центар Демостат, повикувајќи се на свои извори.
Пред да заживее проектот, според Демостат, компанијата што ќе работи на него ќе треба да поднесе Студија за оцена на влијанието врз животната средина, која треба да ги покаже релевантните податоци собрани од кредибилни институции за оцена на влијанието врз животната средина во долината Јадар (Лозница) и пошироко.
– Државата никогаш не се откажа од ископувањето на литиум, туку го стопира проектот поради изборите во април. Сега јавноста полека се подготвува за заживување на проектот за ископ на руда во плодниот регион на западна Србија, против кој на крајот на минатата година се кренаа голем број граѓани, се додава во текстот.
Од почетокот на војната во Украина, постои интерес од американски компании кои произведуваат батерии и електрични автомобили да инвестираат во Србија, а една од нив е и Ривиан, производител на електрични авантуристички возила, која во септември најави отворање на центар за истражување и развој во Белград.
Извори на Демостат посочуваат дека тоа е главниот услов на државата да влезе во проектот за експлоатација на литиум и како што наведуваат, државата нема да се согласи на договор кој би подразбирал литиумот да се ископува во Србија, а потоа да се извезува за дополнително да се преработува во друга земја.
– Србија ќе побара отворање на фабрики за производство на батерии и електрични автомобили, пишува Демостат.
Како што се истакнува во текстот, доколку тоа не е Рио Тинто, има заинтересирани компании од Кина и Германија, кои би можеле да понудат затворање на целиот производствен круг.
– Тоа значи дека и едните и другите имаат можност покрај рудникот да инвестираат во фабрика за литиумски батерии и фабрика за производство на електрични автомобили кои користат такви батерии, додава Демостат.