Марко КИТЕВСКИ
(Македонско црковно народен календар)
Истиот ден се празнува и споменот на тројцата свети Пречистански новомаченици Евнувиј, Пајсиј и Аверкиј. Преданието раскажува дека на 27 март (с.с.) 1558 година како и обично монашкото братство од манастирот „Пречиста – Кичевска“ се подготвувало за утринска литургија.
Тогаш манастирот бил нападнат од османлискиот аскер кој ги пустошел македонските манастири. Монасите го напуштиле манастирот и се засолниле во околната шума каде што ја довршиле литургијата. Само тројца од монасите: Евнувиј, Пајсиј и Аверкиј останале во манастирот готови да го примат маченичкиот венец. Пред разбеснетиот аскер тројцата монаси ја манифестирале силната љубов кон верата, и решеноста да примат жртва во името на својот Спасител Исус Христос. Тие биле подложени на страшни измачувања, а потоа им биле отсечени главите.
Кога останатите монаси и мирјаните ја завршиле литургијата во блиската шума и кога се вратиле кај манастирот виделе страшна глетка. Манастирот бил запален, а телата на тројцата свети старци и духовни учители лежеле кај манастирската црква во местото Господинец.
Селаните од околните села, заедно со ужалените монаси од манастирот се собрале околу светите тела на тројцата преподобномаченици, тагувале и ги бакнувале со стравопочит и со солзи во очите.
Во записот прочитан на манастирот Света Пречиста што го објави акад. Петар Хр. Илиевски се вели: „Во летото од Христа 1558, во недела, петта од светата Четириесетница, се случи големо уништување на нашиот свет манастир. Додека служев божествена литургија и се пееше херувимската песна, ненадејно влезе братот Аверкиј и со страв не извести дека дошле многу безбожници да го уништат светиот манастир. Со страв ја зедов чашата Господова, потребното со неа и браќата, што беа во светата црква, излеговме од северната страна, на едно место ја довршивме божествената литургија и се причестивме дванаесетмината, мислејќи дека ќе умреме и тука останавме додека си заминаа безбожниците, а кога се вративме во светиот манастир видовме големо уништување и како гори црквата, а браќата коишто останаа во светиот манастир: Пајсиј, Евнувиј и Аверкиј примилие маченички венец, ги најдовме мртви. Телата им се во пустото место Господинец, близу до изворот на многугрешниот Пахомиј. Ова го препиша од божествениот Акатист на Благовештение на Пресвета Богородица, Ристо страдалниот.“
Со силното молитвено застапништво на светите тројца преподобномаченици, застанати пред престолот на севишниот Бог и под покровителство на Пресвета Богородица, светата обител не се распуштила. За шест години бил изѕидан нов храм од камен. Во 2012 година Македонската православна црква ‒ Охридска архиепископија ги прогласи за светци.