Што се крие зад кризата со топлинската енергија за што граѓаните со денови остануваа со ладни радијатори? Само ден пред преземањето на управувањето на топлинската енергија од ЕСМ, компанијата БЕГ склучила договор во вредност од 40 милиони евра за набавка на 52.1 милиони килограми мазут со фирмата РКМ на бизнисменот Ратко Капушевски, се вели во прилогот на ТВ 21.

Според телевизијата, договорот е постигнат преку рамковна спогодба на 20 јануари годинава по цена од 39.26 денари за килограм мазут, кој е постигнат без објавување оглас. Во самото известување за склучениот договор за јавна набавка во образложението зошто нема оглас стои:

„Оправданост за изборот на постапката со преговарање без претходно објавување: кога по претходно спроведени две отворени постапки или поедноставени отворени постапки не е поднесена ниту една понуда или ниту една соодветна понуда, односно кога по претходно спроведени две ограничени постапки не е поднесена ниту една пријава за учество или ниту една соодветна пријава за учество во првата фаза, под услов да не се значително сменети условите од тендерската документација.“, велат за ТВ 21 од од Бирото за јавни набавки.

Она што според телевизијата предизвикува сомнеж е и тоа што само ден пред да се склучи договорот со БЕГ односно на 19 јануари, Капушевски регистрирал подружница складиште на мазут. Ваквиот начин на функционирање меѓу БЕГ и фирмите на Капушевски не е ништо ново. И минатата година БЕГ склучил договор со РКМ во висина од 22 милиони евра за набавка на 55 милиони килограми мазут и тоа во случај на потреба иако количината е за цела грејна сезона. Ова предизвика бројни шпекулации не само поради тоа што РКМ добило лиценца од Регулаторната комисија за енергетика само 17 дена пред склучување договор, туку и поради тоа што фирмата на Капушевски повторно, како и сега, се јавува како единствен понудувач, истакнува ТВ 21.

Од БЕГ, во врска со ова соопштуваат:

„Согласно член 153 од Закон за енергетика, Производство на топлина Балкан Енерџи ДООЕЛ како регулиран производител на топлинска енергија е должен во текот на грејната сезона да обезбеди оперативни резерви од алтернативно гориво во количина којашто е потребна за најмалку 15 дена работа со максимален капацитет.

Според оваа обврска, нашата компанија, секоја година објавува јавен повик за набавка на алтернативно гориво, кое би се користело исклучиво во случај ако има прекин на испорака на природен гас за работа на топланите.

Досега, од 2013 година кога целосно се гасифицирани топланите со кои управува Производство на топлина Балкан Енерџи ДООЕЛ, не е потрошен ниту 1 кг мазут, ниту пак во одлуките за цена за греење донесени од страна на Регулаторната комсија за енергетика и водни услуги се одобрени трошоци за набавка на мазут.

Склучената рамковна спогодба за набавка на алтернативно гориво е реализирана после два неуспешни јавни повици за набавка на алтерантивно гориво. Таа е необврзувачка за Производство на топлина Балкан Енерџи ДООЕЛ и нема никакви финансиски импликации доколку не се набави гориво по истата, односно доколку нема прекин на испорака на природен гас до топланите.“

Од друга страна, како што истакнуваат повеќе медиуми во Македонија, според договорот за преземање на БЕГ од страна на Владата односно ЕСМ до крајот на грејната сезона, парите кои БЕГ ќе ги добие сега во време на кризна состојба, ќе треба да ги врати во буџетот.