Во Младинскиот културен центар денеска и утре ќе се одржи седмото издание на интернационалниот танцов камп „Битрикс танцова лига“, во организација на Битрикс културен центар.
Како што информираат од тимот на МКЦ, фестивалот веќе седум години се стреми да ја доближи до јавноста уличната култура, со посебен фокус на танцовата уметност, притоа остварувајќи богата програма за млади и етаблирани изведувачи.
Досега „Битрикс танцова лига” била домаќин на гости од САД, Англија, Холандија, Италија, Швајцарија, Грција, Естонија, Украина, Србија, Словенија, Бугарија.
Годинашното издание вклучува танцови работилници со гостите предавачи од Франција – Aurelien Collewet – Biscuit, Србија – Никола Планка и Грција – Maria Youme, кои ќе бидат отворени за пријавените учесници на кампот.
Дополнително, вечер во МКЦ ќе се реализираат и настани кои ќе бидат достапни за пошироката јавност, и тоа – платформа за афирмирање на млади кореографи и битка во импровизација.
Утре фестивалот ќе ја имплементира и новата платформа која ќе служи за афирмација на уметници во подем – „Современо-урбани кореографски минијатури“ каде свои минијатури ќе одиграат предавачите од Србија, Грција и Македонија, а публиката ќе има можност да го проследи и видео перформансот на танчарот Aureliene Collewet од Франција. Културниот центар Битрикс е двигател на уличната танцова сцена кај нас, па како сков постојано се залага за развој на истата и за креирање на контекст за афирмација и едукација на млади танчари.
Изминатата година центарот ја реализираше програмата ВАДА – Виртуелна Американска Танцова Академија, во соработка со Амбасадата на САД во земјата, а во рамките на која учествуваа 60 танчари од цела земја.
Од тимот на МКЦ соопштија дека програмата во првата фаза обезбеди квалитетна едукација од областа на уличните танци со реномирани предавачи од САД, но и едукативна програма за културен менаџмент. Во втората фаза пак, дел од учесниците учествуваа во подготовка на танцов перформанс со предавачот Anthony Armstrong – Slimboogie.
Нивниот перформанс првпат ќе биде одигран во рамките на фестивалот „Битрикс танцова лига“ и тоа утре во рамките на платформата „Современо-урбани кореографски минијатури“.
Фестивалот се реализира со поддршка на Град Скопје, Младински културен центар и Ред Бул Македонија.