Синоќа објави нов оглас, а веќе денеска ЕСМ купи уште 10.800 мегавати за 2,5 милиони евра – струја доволно за наредните неколку дена, најверојатно до недела.
Ова е трета набавка по ред за само три дена.. Во неделата беа купени најпрво 26 илјади мегавати, а вчера 4.500 мегавати.За купување струја по цена од над 200 евра за мегават ЕСМ за само три дена потроши близу 9 милиони евра.
Од компанијата информираат дека рано утрово во функција е вратен Блок 1 и РЕК Битола повторно произведува струја, отако вчера беше исклучен во целост по хаваријата. Блок 2 е се уште во ремонт, а за Блок 3 кој е надвор од функција по пожарот во петокот, неизвесно е дали воопшто ќе проработи зимава.
Поради хавариите МЕПСО влечеше струја од меѓународните мрежи, но во помал обем. За Канал 5 директорот Куштрим Рамадани изјави дека откако Блок 1 е активиран, мрежата сега е стабилна и нема отстапувања, а најголемите повлекувања изминатиов период МЕПСО ги направило најмногу поради намаленото домашно производство.
За влечењето струја од меѓународните мрежи МЕПСО има пет опомени од Европската енергетска мрежа и милионски долгови. Фактурата колку точно треба да плати државата се очекуваат да пристигнат во текот на неделава.
Инаку ЕСМ вчера требаше да соопшти кога и по која цена ќе пристигнат 300 илјади тони јаглен за Осломеј, но информација се уште нема. Детали нема ниту за набавката на 900 илјади тони јаглен за РЕК Битола…
На депонијата на РЕК Битола има залихи од само 40 илјади тони јаглен, што според експертите е доволно само за неколку дена, па производството се задоволува и со увоз од струја.
Експертите алармираат дека состојбата е премногу загрижувачка – или рестрикции или скап увоз, кој ќе значи и повисоки сметки – трета опција нема, велат упатените.