Марко КИТЕВСКИ
Црковното предание за прва икона во Христијанската црква ја смета Неракотворната икона или Неракотворниот лик (или образ) на Господ Исус Христос. Неракотворна икона значи икона што не е направена со човечка рака. Еве како таа настанала.
Во почетокот на нашата ера, односно во времето на Господ Исус Христос во градот Едеса на Еуфрат живеел царот Авгар. Тој се разболел, така што не можеле да го излекуваат сите царски лекари. Тогаш тој слушнал да чудата што ги правел Исус, за воскреснувањето мртви, за лекувањето болни, за истерувањето демони итн. Посакал Исус да дојде кај него и да го лекува. Затоа му испратил писмо по својот слуга Ананиј кој бил и сликар. Во случај Исус да не може да дојде слугата имал задача да го наслика неговиот лик и да му ја донесе сликата. Исус го добил писмото но поради своите обврски не можел да појде во Едеса. Од друга страна, сликарот Ананиј никако не можел да го наслика Божествениот лик на Исус Христос. Исус, пак, знаејќи за тоа го измил лицето со вода и побарал крпа за да го избрише. Кога го избришал лицето на крпата останал насликан неговиот лик. Таа крпа му ја дал на Ананиј да му ја однесе на царот Авгар. Кога Авгар ја добил крпата го целивал ликот на Исус и веднаш оздравел. Царот Авгар ја ставил крпата со ликот на Исус на градската капија, за да знаат сите дека царот верува во божественоста на Исус Христос. Притоа наредил сите што тука минуваат да се поклонат на ликот на Исус Христос. Во 944 година императорот Константин Багренороден (Порфирогенит) ја купил крпата со ликот на Исус, ја пренесол во Цариград и ја поставил во црквата „Света Софија“. Тоа пренесување се празнува на 29/16 август.
СВЕТИ ЈОАКИМ ОСОГОВСКИ СО СИЛЕН КУЛТ ВО СЕВЕРОИСТОЧНА МАКЕДОНИЈА
Еден од најпознатите пустиножители во Македонија, секако е св. Јоаким Осоговски. Неговото име секогаш се врзува со другите пустиножители св. Гаврил Лесновски и св. Прохор Пчињски, како и со св. Јован Рилски иако овој последниов живеел скоро еден век порано. Тие во народното предание се нарекуваат „чесна четворка, богоизбрано друштво, трудољубиви христови работници, кои излегоа со ралото да направат бразда и да посеат семе духовно и да го дожнеат достасаното класје, добродетелен плод на Хриса да му принесат.“
Житието на свети Јоаким Осоговски сведочи дека тој се угледал на Игнатиј Богоносец „упатувајќи се како ѕвезда многусветла од запад кон исток, дојде во областите на планините и пустините Осоговски…“ Пустиножителството Свети Јоаким го започнал во селото Градец, во Осоговскиот крај, а потоа засекогаш се населил во една пештера во местото Бабин Дол во близината на Сарандапорската река, каде што останал до крајот на животот. Житието на овој светец сведочи дека педесет години по неговата смрт на местото каде што почивале неговите мошти бил ставен камен темелник на манастир што го носел неговото име.
Свети Јоаким Осоговски живеел во втората половина на XI век а умрел најдоцна во почетокот на XII век. Бил наречен Сарандапорски поради местото каде што живеел. Бил многу почитуван за што сведочи и неговата служба датирана во XIII век. Манастирскиот комплекс на Јоаким Осоговски бил основно светилиште на неговиот култ независно од црковните и политичките услови низ кои минел осоговскиот крај.
Свети Јоаким Осоговски, како голем светец останал запаметен и во народното предание. Повеќе преданија од овој крај зборуваат токму за неговиот живот, за неговите чуда, за лекување болни или за помагање на несреќните. Некои преданија го имаат својот извор во житието на светецот, други расправаат за теми од секојдневниот живот. Така на пр. и во житието и во народното предание се раскажува за една случка кога кај пустиножителот дошле некои ловци кои дента немале среќа нешто да уловат. Тој ги задржал да преспијат кај него. Ноќта се помолил за нив и следниот ден тие имале богат лов. Дошле да му заблагодарат, а тој ги замолил почесто да навраќаат кај него зашто е прилично стар и кога ќе почине да го погребат. Некои моменти од ова предание се среќаваат во поновите верзии на житието на св. Јоаким Осоговски, а ги нема во постарите верзии, што значи дека тие во житието дошле од народндото предание. „На тој начин народот дал свој прилог во збогатувањето на култот на светецот со внесување нови елементи во житијната содржина.“
Според едно предание четворицата сподвижници браќата Јоаким Осоговски, Прохор Пчињски, Јован Јилски и Гаврил Лесновски се подвизувале во една пештера во Лесновската гора. По триесет години, откако се разбрало за нив и откако им била нарушена самотијата, решиле да се разделат и секој да замине на друго место. Се договориле следното утро секој како ќе се разбудува да заминува оттука и на друго место да си го бара својот мир. Прв се разбудил Јован Рилски и тргнал на исток и стигнал во планината Рила каде што останал да живее. По него се разбудил свети Прохор Пчињски кој тргнал на запад и стигнал на планината Козјак. Свети Јоаким Осоговски отишол во Осоговската Планина и застанал во местото Сарандапор. Свети Гаврил Лесновски се разбудил последен и кога видел дека сите тројца заминале решил тука да остане, во Лесновската гора.
Својата мисија на духовен центар во овој дел од Македонија манастирот ја извршувал и во време на Османлиското ропство кога многу верски активности биле казнувани. Се раскажува дека еднаш кога во манастирот се одржувал црковно-народен собор по повод патрониот празник на манастирот турскиот паша со многу аскер сакал да го растури собирот. Ги зел и моштите на светецот, но само што се спуштил до местото наречено Крстот, веднаш се фатил во снагата, се парализирал, како прободен од меч. Наредил да се вратат моштите и болките исчезнале. Му напишал писмо на великиот везир во кое го известил за случката. Наредбата од великиот везир била никој да не го осквернува манастирот. Тогаш пред црквата бил поставен знак кој потсетувал на настанот, но и предупредувал кон манастирот секој да се однесува со почит. Овој знак сеуште постои.
Во друго предание се раскажува дека жителите на Крива Паланка решиле на својот светец и заштитник да му изградат манастир. Меѓутоа не можеле да се решат на кое место тоа да го направат. Тогаш светецот им се јавил на сон и им рекол дека го фрлил својот стап во близина на пештерата и тука да го изградат манастирот. Тие го барале стапот и го нашле меѓутоа местото било многу непристапно за градба. Додека тие се колебале светецот пак им се јавил на сон и им посочил подобро место каде што треба да го изградат манастирот, а тоа е местото каде што сега се наоѓа. На тоа место се појавил извор со обилна вода со исцелителни својства која не пресушила до денес.
Преданието запаметило и дека св. Јоаким Осоговски извесно време престојувал во селото Градец оддалечено седум километри од манастирот. Живеел во пештера во месноста позната како Градецки чуки. Во неа имало посебно место за оставање дарови. До 1948 година имало човек одреден од манастирот да пали свеќи во пештерата. До пештерата водат скали во неа има кружен камен што бил негова софра, а имало место и за неговото магаре. Кога дабовата шума околу манастирот била исечена, тој побарал ново место за живеење и така дошол во месноста Бабин Дол каде што нашол мир.
Има и други преданија кои главно зборуваат за тоа како светецот си избрал место за подвизување, како е одбрано местото за манастирот, или како биле накажани оние што сакале да ги земат светите мошти, да украдат пари од црквата или на друг начин да го испоганат манастирот. Останува фактот дека „месното предание забележало бројни моменти кои се поврзуваат со животот на светителот, неговиот монашки подвиг и чудотворните дејства што ги вршел, изразени во легендите и преданијата. Во свеста на верниците, особено од локалното подрачје светителот е прифаќан како сила која може да ги реши нивните основни грижи.“