Во касарната „Илинден“ во Скопје денеска ќе бидат промовирани нови 70 подофицери на Армијата на Република Македонија.

На свеченоста ќе се обрати министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

Новите подофицери се од армиските родови: артилерија,  врски, пешадија, специјални единици, воздухопловно-техничка служба, интендантска служба, сообраќајна служба, техничка служба и санитетска служба. Тие во периодот август – ноември посетуваа курс за подофицери во Кампот за обука „Пепелиште“ на Армискиот полигон „Криволак“.

Претходно, во два наврата беа промовирани 120 нови подофицери во Армијата од редовите на професионалните војници, во две групи.

Курсот за подофицери се состои од повеќе теми и тоа – подофицерски одговорности, воени вештини, лидерство и етика, општи воени знаења и практични форми на обука и ситуациони вежби, соопшти Министерството за одбрана.