Дени Масев, поранешен македонски репрезентативец пред една недела завршил во притвор.
Како што потврдуваат извори за „Слободен печат“ Масев во моментов се наоѓа во притвор, а според неофицијалните информации, тој се поврзува со групата на Раде Трајковски – Штекли, кој беше уапсен на почетокот на годинава под сомнение за трговија со дрога.
Масев беше разрешен од ФФМ во октомври минатата година од страна на претходното раководство, но на почетокот од јануари оваа година повторно беше именуван за директор на А-репрезентацијата на Македонија. Сепак, по акцијата на МВР во која бил притворен, како што дознаваме, Масев сега повторно е разрешен од функцијата спортски директор на А-репрезентацијата, воопшто не приклучувајќи се ниту на актуелниот собир на националниот тим.
Засега нема официјални информации од Обвинителството за што точно е осомничен Дени Масев.
Во врска со ова се огласи и Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ). Од ФФМ велат дека тој веќе е разрешен, а федерацијата нема информации за неговите лични постапки.
„Во врска со приведувањето на Данчо Масев, истакнуваме дека Фудбалската федерација на Македонија нема информации за неговите лични постапки и активности кои довеле до оваа ситуација.
Со оглед на ситуацијата, неговите активности во рамки на Федерацијата престанаа со моментален ефект, односно пред повеќе од една седмица. Како институција која се придржува до принципите на законитост и интегритет, случајот го оставаме на органите на Законот во државата.
Нашиот фокус е насочен кон организацијата и подготовката на натпреварот Македонија – Велс, без да се акцентираат личните постапки, а било каква одговорност ќе биде утврдена од законските органи“, велат од ФФМ.
Од Фудбалската федерација на Македонија истакнаа дека нема да коментираат повеќе за овој случај.