Сеќавањето е наша морална должност, а борбата против омразата наша историска одговорност. Затоа, не смееме да се свртиме од минатото и не смееме да се плашиме од најтемните поглавја од историјата, туку да ги признаеме ужасните извесности, како и празнините, неизвесностите и прашањата што остануваат без јасни одговори до ден денес. Не смее да се дозволи заборавот да ги проголта македонските Евреи. Може да има многу политички мотивирани приказни, но постои само една историска вистина, беа пораките упатени денеска од поранешниот Монопол во Скопје, каде што беа одбележани 83 години од депортацијата на 7.144 македонски Евреи во логорот Треблинка.
Претседателот на Еврејската заедница во земјава Пепо Леви во своето обраќање кажа дека и по 83 години чувството не е поразлично и оти горчината и болката никогаш нема да поминат.
-Пред точно 83 години овде времето запре. Овде исчезна една заедница. 7144 евреи исчезнаа во логорот Треблинка. Исчезнаа Калдерон, Леви, Нахмијас, Камхи, Русо, Садикарио, Мизрахи, Фараџи, Алба, Шами, исчезнаа илјадници наши блиски, наши роднини. Патот кон Треблинка започна овде, во Монопол. Од сточните вагони на БДЖ, натоварени како товар, не како луѓе, без достоинство, без милост, без трошка човечност. Ладнокрвноста со која се организирани овие транспорти останува еден од најстрашните докази за тоа колку брзо државниот апарат на нацистичка Германија, преку своите сателити, бугарските окупатори, може да се претвори во совршена машина на смрт, рече Леви.
Тој потсети дека 98 проценти од еврејската популација во Македонија беше избришана, и оти тоа е еден од највисоките проценти на уништување во цела окупирана Европа.
-По Втората светска војна, во 50те, 60те, 70те години, ниту еден здрав ум не можеше да замисли дека ќе дојде време кога некој ќе се обиде да ја искриви историјата на холокаустот. А сепак денес, речиси осум децении по крајот на војната, ние сме сведоци на постојани обиди за глорификација на нацистите и нивните соработници. Се создаваат паралелни наративи, се брише одговорноста, истакна Леви.

Тој нагласи дека не смее да се дозволи заборавот да ги проголта македонските Евреи, да ги заборават возовите, да не се споменуваат списоците.
-Може да има многу политички мотивирани приказни, но постои само една историска вистина. Во меморијалниот простор на музејот Треблинка, каде што пепелта на илјадници луѓе измешана со земја и каде се поставени камени обележја со имиња на земјите од каде што биле донесени жртвите, меѓу нив и каменот со натпис Македонија, денес се оспорува тој камен. Се бара негово преименување или отстранување поради политичките спорови и внесување на дневна политика во масовна гробница. Од тука сакам јасно да подвлечам, тој камен не е геополитичка формула, не е дипломатски став, тоа е историја на македонските Евреи. Тоа е историја на Македонија. И затоа, токму денес, во овој момент, во Треблинка, делегација на еврејската заедница и фондот на холокауст предводена од претседателката Гордана Сиљановска Давкова, полага цвеќе пред тој камен. Не како чин на политика, туку како чин на почит кон 7144 животи што таму немаат гроб освен тој камен, истакна Леви.
Германската амбасадорка Петра Дрекслер рече дека како претставник на Германија и како германски граѓанин, длабоко е трогната од поканата од Еврејската заедница да се обрати на денешното одбележување на Холокаустот на македонските Евреи.
-Нашето заедничко сеќавање стана вредна традиција, длабоко емотивно искуство секоја година. Дури и 83 години подоцна, степенот на суровост и бруталност што им се нанесе на еврејските семејства од Битолско, Скопско и Штип тука во импровизираниот логор за депортација во фабриката за тутун Монопол останува несфатлив. Ова за повеќето од нив беше едно од последните места што ќе ги видат пред да бидат убиени во логорот за истребување Треблинка, рече Дрекслер.
Холокаустот, истакна амбасадорката, не започна со германските фабрики на смртта.
-Индустријализираното уништување беше кулминација на невиден, намерен и ужасен напад врз цивилизацијата. Тоа произлезе првенствено од длабоката омраза на Хитлер кон еврејскиот живот. Оваа омраза доби алатки што ќе се преведат во Холокаустот. Антисемитизмот, исклучувањето, пропагандата, институционалниот расизам и широко распространетата рамнодушност, сите го отворија патот за систематско уништување. Гледајќи наназад кон ужасите од Втората светска војна со нашето денешно знаење, го правиме тоа со прашања за историската одговорност. Во 1985 година, тогашниот сојузен претседател Рихард фон Вајцзекер ја повика Германија да го прифати своето минато. Овој повик продолжува да резонира и денес, барајќи одговорност, а воедно признавајќи дека не постои нешто како вина или невиност на цела нација. Вината, како и невиноста, не е колективна, туку лична. Ова не оправдува ништо. Напротив, тоа е повик за акција за сите нас, рече Дрекслер.
Германската амбасадорка нагласи дека не смееме да се свртиме од минатото и не смееме да се плашиме од најтемните поглавја од историјата, туку да ги признаеме ужасните извесности, како и празнините, неизвесностите и прашањата што остануваат без јасни одговори до ден денес.

-Меѓу извесностите е и историската одговорност на нацистичка Германија за злосторството против човештвото што беше Холокаустот. Ја признаваме оваа одговорност. Го прифаќаме нашето минато знаејќи дека минатото не може да се надмине затоа што она што се случило не може да се поништи. Прифаќањето на минатото значи признавање дека сите сме погодени од неговите последици. Прифаќањето на минатото исто така значи и одржување на сеќавањето живо. На сите оние чии гласови се неповратно замолчени, им должиме да се сетиме. Го должиме ова сеќавање и на самите себе, за да нè заштитиме како човечки суштества од нашата тенденција да го тргнеме погледот од нечовечноста. И ја должиме нашата должност да се сетиме на потомците кои никогаш нема да заборават, заклучи германската амбасадорка.
Премиерот Мицкоски во своето обраќање порача дека сеќавањето е наша морална должност, а борбата против омразата наша историска одговорност.
Тој истакна дека денеска стоиме во тишина и со длабока почит пред една од најболните страници во нашата историја и се сеќаваме на депортирањето на македонските Евреи, трагедија што засекогаш го обележа нашето колективно паметење.
– Во март 1943 година, повеќе од седум илјади наши сограѓани – Евреи од Скопје, Битола и Штип – беа насилно собрани, одземени од своите домови, од своите семејства, од својот живот. Тие беа депортирани во логорот на смртта Треблинка, каде што нивните животи беа сурово прекинати. Зад таа бројка стојат имиња, семејства, соништа, таленти, судбини. Стојат луѓе кои биле дел од ткивото на нашите градови, од трговијата, од културата, од духот на Македонија. Со нивното исчезнување, нашата земја изгуби дел од својата душа.

Премиерот потенцира дека денеска не се сеќаваме само на трагедија, туку и на обврската за спречување на омразата, антисемитизмот, расизмот и нетолеранцијата во нашето општество.
– Но, денес не се сеќаваме само на трагедијата. Се сеќаваме и на обврската. Обврската никогаш да не дозволиме омразата, антисемитизмот, расизмот и нетолеранцијата повторно да добијат место во нашите општества. Историјата нè учи дека злото почнува со збор, со предрасуда, со рамнодушност, а завршува со трагедии што го потресуваат човештвото. Затоа денес, како држава и како општество, ја обновуваме нашата заклетва: дека ќе ја чуваме вистината, ќе го негуваме сеќавањето и ќе ја браниме човечката достоинственост. Македонија е дом на различности. Нашата сила отсекогаш била во тоа што различните култури, религии и традиции живееле заедно, создавајќи заедничка иднина, нагласи Мицкоски.
Премиерот заклучи дека еврејската заедница оставила неизбришлива трага во историјата на оваа земја, а нејзиниот придонес во културата, образованието, стопанството и општествениот живот е дел од нашето заедничко наследство.
Евреите од Битола, Штип и Скопје, ноќта меѓу 10 и 11 март 1943 година биле собрани во скопскиот Монопол и од таму во три наврати депортирани во логорот Треблинка во окупирана Полска. Транспортот на Евреите од Македонија започнал на 22 март 1943 година, а до 29 март истата година биле депортирани сите македонски Евреи во Треблинка, од каде никој не се вратил. За само 14 месеци, од август 1942 до септември 1943 во Треблинка биле убиени 925 илјади луѓе, меѓу кои биле и 7144-те македонски Евреи. нд/са/
(МИА)




