Собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците, во второ читање, расправаше за предлог законот за Судскиот совет на Република Македонија.

До членовите на собраниската комисија и Министерството за правда претставувано од заменик министерот Ален Деребан, беа предложени повеќе амандмани, меѓу кои и амандманот за начинот на избор на членови на Судскиот совет.

Деребан информира дека Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците го усвои Предлог-Законот за Судски совет на второто читање.

-Беа разгледани вкупно 19 амандмани. Дел од нив беа прифатени и оценети како правно и системски издржани.
-Предлог Законот за Судски совет уредува:
-Јавност и транспарентност при избор и разрешување;
-Јасни критериуми за избор на „истакнат правник“;
-Јавни расправи за избор не-судските членови;
-Посилна одговорност и дисциплински постапки за судиите и членовите на Советот;
-Образложени одлуки и утврдени рокови;
-Усогласување со препораките на ЕУ.
-Законот е подготвен преку целосно транспарентен процес со експерти, јавни консултации и препораки од Европската комисија и Венецијанската комисија, информира тој.

Новото законско решение е во функција на реформите во правосудството и се менува согласно релевантни меѓународни анализи, како и препораки на домашната експертска јавност и граѓански сектор. Со новото законско решение се очекува да се подобри транспарентноста во изборот и разрешување на судии, да се обезбедат јасни критериуми за избор и оценување на судиите, и да се создадат ефикасни механизми за утврдување на одговорност на членовите на Судскиот совет.

По завршувањето на амандманската расправа, претседалот на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, Љупчо Пренџов истакна дека предлогот на законот за Судскиот совет го проследува на понатамошна постапка во македонското Собрание и за известител на седницата, комисијата ја определи пратеничката Ели Панова.