Колку луѓе работат во Европскиот парламент? Колку заработуваат избраните членови? Каква доверба имаат граѓаните во Европската Унија?
Десет факти за Парламентот и претстојните избори:
1. НЕРАМНОПРАВНИ ИЗБОРИ: Изборите за Европскиот парламент се слободни и директни, на нив граѓаните на ЕУ гласаат тајно. Но, демократскиот принцип дека сите гласови имаат иста тежина, тука не важи. Секој од 96-те актуелни германски пратеници во Европарламентот, на пример, претставуваат над 860.000 лица од речиси 83-милионското население на земјата. Секој од шесте пратеници од малата островска држава Малта, во исто време, претставува само околу 80.000 жители. Но гласовите на европратениците имаат еднаква тежина кога се донесуваат одлуки во Парламентот, без разлика колку граѓани претставуваат. Тоа е запишано во договорите за ЕУ.
2. ЗАДОЛЖИТЕЛНО ГЛАСАЊЕ: Само во пет земји од ЕУ избирачите се обврзани со закон да учествуваат на изборите за Европскиот парламент: Белгија, Бугарија, Грција, Кипар и Луксембург. Тоа, исто така, важи и за други граѓани на ЕУ, кои живеат и имаат право на глас во овие земји.
3. БОГАТА ПАЛЕТА НА ПАРТИИ: По првите избори за Европскиот парламент во 1979 година, бројот на националните политички партии претставени во него се зголемил од 57 на 212 денес. Тоа се должи на зголемувањето на бројот на земјите членки на ЕУ од девет на сегашните 28. Бројот на политичките групи во Парламентот, сепак, останува во општи линии стабилен. По последните избори тие се зголемија од седум на девет.
4. ПЛАТИ: Секој европратеник заработува 8.757 евра месечно, плата што се оданочува. Кон тоа тој или таа добива иста за сите во исхраната од 4.513 евра за покривање на вкупните трошоци, како и дневен додаток од 320 евра при учество на седници. Основната плата е усогласена со онаа на судија во Судот на правдата на Европската Унија.
5. ПОДДРШКА ЗА ЖЕНИТЕ: Бројот на жени во Европскиот парламент расте на секои избори. На почетокот на 1979 година тие учествуваа само 16,3 проценти од вкупниот број европратеници. На последните избори во 2014 година, тие достигнаа 36,9 отсто. Најголемиот женски контингент во ЕП е на Малта – 67 отсто, по што следуваат Ирска и Шведска со по 55 отсто.
6. ПЕРСОНАЛ: Во јануари 2018 година, за Европскиот парламент и неговите политички групи работеле 7.698 луѓе. Повеќе од половина од нив (55 проценти) биле жени. Повеќето од вработените работеле во бриселското претставништво (4.903), следи луксембуршкото (2.251), а во официјалната централа во францускиот град Стразбур има само 292 вработени. Од раните 90-ти на 20 век, Парламентот работи главно во белгискиот главен град.
7. ОДЅИВ НА ИЗБОРИТЕ: Во 2014 година на изборите за Европскиот парламент гласаа во просек 42,6 проценти од граѓаните на ЕУ. Мажите имаат повисока стапка на учество – 45 проценти – од жените (40,7 проценти).
8. ДЕЛ ОД НАСЕЛЕНИЕТО: Германија е земјата со најмногу граѓани меѓу земјите на ЕУ: таму живеат 16,1 отсто од вкупната популација на Унијата. Следат Франција (13,1 отсто), Велика Британија (12,9 отсто) и Италија (11,8 отсто). На другиот крај на табелата се Луксембург и Малта со 0,1 отсто.
9. ДОВЕРБА: Евроскептичните Унгарија и Полска не се земјите со најниска доверба на граѓаните во Унијата. Тоа се двете основачки земји Франција и Италија. Истражувањето на Евробарометар во 2018 година покажа дека само една третина од испитаниците во овие две земји одговориле дека „имаат доверба” во ЕУ. Слична е ситуацијата и во Чешка и Велика Британија, која се подготвува да ја напушти ЕУ. Најмала е довербата во Грција, која беше погодена од финансиска и миграциска криза во ЕУ. Таму само еден од четворица веруваат во ЕУ. Најсилна доверба е констатирана во Литванија, Данска и Шведска, каде што речиси две третини од граѓаните имаат доверба во ЕУ.
10. ПРОБЛЕМИ: Во речиси сите земји членки граѓаните ја посочуваат имиграцијата како најважен проблем, кој е пред ЕУ, покажува истражувањето на Евробарометар. Постојат само два исклучоци: во Шведска проблем број еден се климатските промени, а во Португалија, тероризмот. Но, во двете земји мигрантите се рангираат на второ место меѓу проблемите на ЕУ.